НОВА ЛИДЕРСКА СРЕДБА: Избирачкиот список и медиумите, се уште главна пречка во преговорите
По дводневната блокада на преговорите, лидерите на четирите политички партии денеска повторно седнаа на маса во обид да ги доближат своите ставови за неколку клучни точки од Пржино.
Работната група денеска одново ќе го разгледува прашањето за избирачкиот список и реформите во сферата на медиумите.
На барање на СДСМ, паралелно ќе се дискутира и за двете теми и договор ќе има само ако партиите ги усогласат решенијата по двете прашања.
Во однос на прочистувањето на Избирачкиот список, СДСМ бараат целосна проверка на терен, односно да се направи еден вид на попис, само што ќе се прибираат само податоци поврзани со избирачкото право.
Од друга страна пак, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соопштија дека ќе се согласат со секој предлог што ќе дојде од ДИК.
Вечерва партиите повторно ќе се обидат да најдат компромис, по што конечно ќе може да се започне со прочистување на Избирачкиот список.
