„Нова демократија“ го врати мандатот, не успеа да состави влада!
Лидерот на „Нова демократија“, Евангелос Меимаракис, не успеа да состави влада во Грција во рамките на 3-дневен мандат, даден од претседателот Прокопис Павлопулос, по оставката на владата на Алексис Ципрас, јавуваат грчките медиуми.
Меимаракис не успеа да се договори со другите парламентарни партии во рамките на постоечкиот парламент.
Се очекува до крајот на денот претседателот Павлопулос да му даде мандат на лидерот на отцепената од „СИРИЗА“ парламентарна група „Национално единство“ на Панајотис Лафазанис.
Според уставот во случај на предвремена оставка на владата претседателот е должен да предложи на неколку опозициски партии да формираат нова влада, и на секоја од партиите и се дава рок од три дена.
Во случај ниту една од нив да не успее да состави нова влада, ќе биде назначена службена влада на чело со претседателот на Врховниот суд Василико Тану-Христофилу и ќе бидат објавени предвремени избори.
На 4 август за ратификација на договорот за трета кредитна програма за Грција гласаа само 118 пратеници од владината коалиција, а пратениците од левото крило на „СИРИЗА“ одбија да ја поддржат владата, со што кабинетот го изгуби мнозинството во парламентот (151 од вкупно 300 гласови). На 20 август Ципрас поднесе оставка и предложи да се одржат предвремени избори на 20 септември.
