Нова давачка во рударството се заканува да ги намали инвестициите
Со новиот Закон за минерални суровини воведена е нова давачка која предвидува, доколку постоечкиот концесионер сака да продаде удел од својата концесија, да треба да плати 7 проценти од вредноста на проценетата концесија.
Од Македонската асоцијација за рударство предупредуваат дека со оваа давачка може да се зголеми несигурноста и да се намалат инвестициите во рудниците.
„Тешко е да се изгради рударско претпријатие, бидејќи за помала инвестиција се неопходни 50 до 60 милиони долари, а за поголема и 500 до 600 милиони. Кога станува збор за суровини кои се на границата на рентабилноста, прашање е дали инвеститорите би се осмелиле да вложат толку многу пари“, вели Николајчо Николов, претседател МАР.
Рударството во Македонија зазема се позначајна улога во вкупното стопанство и од 2005 година наваму бележи постојан подем. Во 2013 година вкупното производство во овој сектор е поголемо за 3,4 отсто во споредба со претходната година.
Сепак, се соочува и со одредени проблеми, особено каменоломите кои силно го чувствуваат ударот на зголемените трошоци на работа пред се поради повисоката цена на нафтата, а особено поради двојно повисоката цена на електричната енергија во последните две години и заострените критериуми на ЕВН Македонија за наплата на долговите за струја.
„Во последно време се отворени многу каменоломи од кои само некои работат добро, а другите делумно. Неопходно е да има поголем број странски инвеститори за нормално да работат сите каменоломи“, вели потпретседателот на МАР Шефки Алити.
Во рударството и вадење камен во 2013 година бројот на активни компании изнесува 164 од кои 129 се каменоломи. Во овој сектор лани вкупно биле вработени 10.041 работник или 1,6 отсто од вкупниот број вработени во земјава.
Слично
