Нова битка на политичката сцена
Новиот Буџет за 2017 година сеуште не е влезен во собраниска процедура, а до распуштање на Собраните пред закажаните избори има уште 25 дена. Министерството за финансии одлучи да носи редовен Буџет. Извори за Фактор велат дека вчера новиот Буџет бил доставен до Владата.Од Министерството за финансии вчера потврдија дека новиот Буџет е подготвен и во текот на вчерашниот ден доставен до Владата. Но засега е незвесно колку време Владата ќе го разгледува и кога ќе биде доставен до Собранието.
Економистите и натаму остануваат на ставот дека поради предизборниот период и распуштањето на Собранието на 12-октомври, новaта буџетска каса треба да ја проектира новата Влада која ќе ја добие довербата од граѓаните, а до тогаш да се примени опцијата за времено финансирање.
„Секој буџет кога се носи треба да се имаат во предвив малку и некои подолгорочни аспекти или барем среднорочни аспекти, бидејќи фискалната политика не е политика што се води од денес за утре, туку има малку и подолг временски хоризонт на планирање на приходите и расходите. Во таа смисла со оглед на фактот дека се наоѓаме два –три месеци пред изборите, мислам дека добар принцип би бил следниот, да се остави онаа политичка опција која ќе ја добие довербата на мнозинството граѓани да може да ја спроведе целокупната своја економска програма вкулучително и фискалната политика која е значаен дел од секоја економска програма на било која политичка партија.Така што мислам дека во овој случај треба да се остави на изборите, да се одреди која е таа програма која што ќе биде извршувана и реализирана во следниот период“, вели универзитетскиот професор Владимир Филиповски.
Економистите посочуваат дека на секое носење на Буџет треба да му претходи соодветна дебата. Порачуваат во новиот Буџет да се внимава на трошоците да бидат рационални, а акцентот да се стави на капитлните расходи.
„Пред секое носење на Буџет потребно е да претходи соодветна дебата каде што ќе бидат вклучени сите засегнати страни, сите носители на политиките се со цел тој Буџет да биде што поиздржан и во насока на поттикнување на економскиот раст.Капиталните расходи да не се менуваат односно истите да бидат носител на економскиот раст.Затоа што во изминатата година бевме сведоци и забележавме дека токму капиталните расходи беа тие кои што беа двигател на економскиот раст. Во однос на понатамошното трошење со оглед дека ни претстојат избори, главната препорака е да трошоците да бидат рационално користени и во насока на најпотребните нешта“, вели Благица Петрески од Институтот за економски истражувањ и политики „Finance think“.
Неодамна дополнителниот заменик министер Кире Наумов изјави дека на на првата средба со министерот Кирил Миноски, му предложил до изборот на новата Влада да се примени опцијата за времено финансирање. Според Наумов на ваков начин ќе се зголеми транспарентност во трошењето на народните пари, а ќе се елиминираат можностите од предизборни злоупотреби.
Од опозициската СДСМ веќе најавија дека ќе направат се за да го спречат носењето на Буџетот.
Демократски избори за економски развој
Неофицијално проекциите во новиот Буџет за догодина се оптимистички но сепак помали во однос на годинав. Економскиот раст е проектиран на 3% , а буџетскиот дефицит на 3 отсто.
Економистите сметат дека демокртските избори се клучни за економскиот развој. Според Владимит Глигоров од Виенскиот економски институт, Македониј има основи за побрз економски раст, иако тоа досегаа не се случило.
„Тоа значи дека нешто од тоа што се прави не е добро, дали е тоа монетарната или фискалната политика, дали државата инвестира таму каде што не треба, дали неизвесноста ги тера грѓните д штедат.Тоа се фактори кои треба да се сменат, и тогш не е неприродно да се очекув раст од 5 %. Ако избрите дадат демократски резултат тогаш Македонија ги има сите услови да се врати на растот од околу 3 проценти.Повеќе од ова ниво, зависи од промената на стопанската политика потоа, но ова успорување сега е практично одложување на одлуки додека не се реши политичкиот проблем, нема некои пофундаментални причини за тоа. Многу е важно тие избори да го дадат она што може да се оцени како демократски резултат, што значи определена политичка стабилност после тие избори“, вели Глигоров.
Глигоров смета дека за да се постигне повисока стапка на раст од 3 отсто, треба да се разгледаат повеќе фактори.
„Македонија има стапка на невработеност од околу 25 отсто, тоа значи дека нивото на БДП е приближно за 25 отсто пониско отколку што би можело да биде. Што значи, стапката на раст може да биде која било што ги апсорбира сите тие невработени луѓе. Потоа може да се расправа која е стапка на раст која ќе биде пред се` генерирана со продуктивност“, вели Глигоров.
Економистите порчуваат дека е потребна е внимателна фискална политика и рационализација во буџетските расходи, особено да се внимава на дефицитот, а нивото на долгот да се стабилизира.Универзитетскиот професор Филиповски вели дека за да се стопира растот на долгот треба да се имаат предвид очекувањата во реалниот сектор, буџетските приходи и да се рационализираат буџетските расходи, а не како што се прави со секој ребаланс, прва жртва да бидат капиталните трошоци.
„На Македонија и треба внимателна фискална политика, ако се знае што се случува во последниве 3-4 години, брз раст на нивото на јавниот долг, дефицит проектиран на 3 %, и затоа треба условно кажано да се направи стратегија како во една рамка да се стави дефицитот, а со тоа и јавниот долг.Тоа е принцип на фискална одржливост, да проектирате дефицит што ке го стабилизира долгот а потоа со структурни промени на страна на расходите и приходите, долгот да се намали“, вели Филиповски.
Поради политичката криза првото полугодие од годинава заврши со просечен раст од 2,1 отсто, што е помалку од она што првично се очекуваше за оваа година. Со последниот ребаланс годинава минусот во државната каса се зголеми на 4 отсто, а според последните податоци од финансии, вкупниот јавен долг изнесува 45,3 отсто од бруто домашниот производ.
Т.С
