Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВ ТУРИСТИЧКИ РЕКОРД: Европска држава лани имала над 96 милиони посетители

НОВ ТУРИСТИЧКИ РЕКОРД: Европска држава лани имала над 96 милиони посетители

Шпанија постави рекорд во туризмот со 96,8 милиони посетители во 2025 година.

Рекордни 96,8 милиони луѓе ја посетиле Шпанија во 2025 година, според податоците кои денеска ги објави Националниот институт за статистика.

Бројот на туристи од странство се зголемил за 3,2 проценти во споредба со 2024 година, кога имало 94 милиони, објавува Бета.

Шпанија е една од најпосетуваните дестинации во светот, каде што туризмот учествува со 12,6 проценти во бруто домашниот производ.

Според листата на Светскиот туристички барометар на Обединетите нации, Шпанија е на трето место меѓу земјите што заработуваат најмногу од туризмот, по Обединетото Кралство и Франција.

Приходите од странски посетители се зголемија за 6,8 проценти, на 134,7 милијарди евра минатата година, во споредба со 126 милијарди евра во 2024 година, објави Министерството за туризам.

„Зголемувањето на бројот на туристи и нивното трошење ја исполнува целта за трансформирање на туристичкиот модел во поодржлив, базиран на давање приоритет на квалитетот пред квантитетот“, се вели во соопштението на министерството.

Околу 20,1 милиони туристи дојдоа во покраината Каталонија, што е за 0,6 проценти повеќе отколку во 2024 година, а потоа следат Медитеранот и Канарските Острови.

Повеќето туристи доаѓаат од Обединетото Кралство (19 милиони), Франција (12,7 милиони) и Германија (12 милиони).

Ова е трета рекордна година за Шпанија од 2019 година, годината пред пандемијата на ковид-19 да ги парализира меѓународните патувања и туризам.

foto Wikipedia/fuente: COVT

Слично

Поврзани вести