НОВ ПРОТЕСТ: Контра пленум ќе го крши средношколскиот протест!?
Експресно донесениот договор помеѓу Министерството за образование и Унијата на средношколци за укинување на математиката како задолжителен предмет од државна матура за гимназијалците, на еден ден пред денешниот протест е обид за манипулација и начин да се влијае на чистината со која средношколците почнаа масовно да се организираат, против според нив лошите реформи во образованието. Но овој чекор, велат од Средношколскиот Пленум е само дополнителен мотив за подгревање на незадоволството кај средношколската младина која сериозно размислува за радикализација на протестите доколку надлежните и овој пат “симулираат” преговори. Средношколците велат дека се поучени од искуството на студентите на кои Студентскиот парламент им приреди слично сценарио на таканаречен социјален дијалог со надлежните, па сега ќе знаат како да делуваат.
“Несватливо е како може во рок од два-три дена да се организира и да се подготви цел концепт кој ќе се предложи пред надлежните и истиот ден брзопотезно ќе се поздрави и прифати. Ова е навистина голема нелогичност бидејќи ние со месеци разговараме, дебатираме, се консултираме со професори, родители за да направиме квалитетен предлог кој во вид на барања ги доставивме до министерството, а сега сме сведоци дека се можело во еден ден да се предложи и веднаш да се прифати. Дали ова е намерна отстапка на надлежните со која си признаваат дека не се подготвени ниту технички ниту наставно да го реализираат новиот концепт на државна матура кој вклучува и математика или е обид да се смири се поголемото и поизразено незадоволство кај средношколците па и наставниците неможеме да тврдиме, но она што е сигурно е дека ова не е наше барање. Никој ниту се консултирал, ниту пак е известнен за ваквите предлози и ставови на Средношколската унија која практично “воскресна” за инстант предлози и одлуки ”-вели ученик од скопската гимназија “Орце Николов”.
Од Средношколскиот пленум велат дека постигнатиот договор на претставниците на Средношколската Унија и ресорното министерство ни оддалеку не е сериозен ниту позитивен исчекор во подобрување на состојбите. Нивните барања кои и написмено ги доставија до министерството се однесуваат на екстерното тестирање и на враќање на стариот концепт на државната матура. Она што во нашиот образовен систем е уникатност и сериозен проблем на кој посочија учениците е концептот на екстерното тестирање кое секоја учебна година за сите ученици од трето одделение до четврта година средно образование преку резултатите од еден тест е основа за градење цел еден образовен систем на национално ниво. Додека во другите земји има само формативен карактер за утврдување на слабостите и нивно решавање, кај нас, велат учениците е стрес-тест од кој зависи целиот успех на ученикот и оценувањето на наставникот. Државната матура треба да биде предмет на ревизија бидејќи таа е признаена само во некои образовни системи во Европа и светот, а не во сите. За ова според нив, мора сериозно да се разговара, но со сите засегнати страни-ученици, родители, наставници, професори и претставници од министерството.
“Целта не е заокружување на средното образование врз основа на лесни тестови, туку квалитетно изработени барања за да матурантите излезат од училиштата со квалитетни знаења кои ќе бидат применливи. Зборовите на министерот дека прашањата ќе бидат лесни не водат кон решение. Тогаш зошто постои ваков испит со лесни прашања? Сите заедно мора многу сериозно да пријдеме кон оваа материја и со заеднички знаења и способности да дадеме придонес кон градење на нов образовен систем заснован врз изработка на нови закони за основно и средно образование во кои ќе учествуваат практичарите и сите кои учествуваат во процесот на воспитание и образование: ученици, родители, стручни лица од високите школи, претставници од ресорните министерства и сите расположливи компетентни кадри. Само на тој начин учениците ќе излегуваат од училиштето со применливи знаења, оспособени за живот и работа во современо општество”-велат средношолците.
Унијата на средношколци, според членовите на Пленумот има неактивен статус од 2013 година, а едно од истражувањата на Младинскиот образовен форум покажало дека дури 81 проценти од средношколците никогаш не учествувале во избор на претставници кои ќе ги застапуваат средношколците во ова тело. .
“Ние како Средношколски пленум од самите почетоци се самоорганизираме и во делот на маршот и најважно од се сакаме да сме директно вклучени со свои предлози како да се подобри образовниот процес. Имаме подршка од професорите кои ни се дополнителен мотив да ги бараме нашите права и да се бориме за нашата цел”- вели матурантка од гимназијата “Раде Јовчески-Корчагин”.
Ако општеството има потреба од стручни кадри од областа на техничките и математичките науки, според нив треба да се бараат други начини како да се доближи материјата од овие дисциплини до нив и да ги заинтригира со убавината на разбирањето на математичките закони кои водат кон разбирање на светот во кој живееме. За денеска подршка на скопските средношколци им најавија нивните соученици од Куманово, а протести се закажани и во Тетово и Прилеп.
Денешниот втор протестен марш доби подршка од Студентскиот пленум кој ги охрабрува средношколците да ги евидентираат и надминат сите видови притисоци и етикетирања и да дојдат во што поголем број бидејќи сметаат дека на страна на средношколците се аргументите, а на другата страна се силата и притисокот.
Слично
