Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВ ПРЕДЛОГ? Разговорите за името продолжуваат утре во Њујорк

НОВ ПРЕДЛОГ? Разговорите за името продолжуваат утре во Њујорк
Медијаторот Метју Нимиц за утре закажа нова рунда разговори за разликата околу името меѓу Македонија и Грција. Во Њујорк ги очекува претставниците на двете земји - Васко Наумовски и Адамантиос Василакис. Според вообичаениот ред, Нимиц најпрвин ќе има одвоена, а потоа и заедничка средба со двајцата преговарачи. Според најавата од Обединетите нации, целта е да продолжат напорите за изнаоѓање решение за долгогодишниот спор, кое ќе биде заемно прифатливо за двете страни. Засега нема официјална потврда дека Нимиц на средбата ќе изнесе нов предлог. Иако во изминатиот период се појавија повеќе шпекулации за тоа што би можело да содржи следното решение што ќе го понуди медијаторот, од неговиот кабинет потенцираа дека доколку има нов предлог, тој вообичаено најпрвин имсе доставува на двете страни на средбата. Последните македонско-грчки разговори за разликите околу името се случија на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде што се сретнаа шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Попоски и Евангелос Венизелос. По средбата, Попоски изјави дека кај грчката страна и натаму нема интерес за надминување на спорот, а Венизелос објави соопштение со кое ја проблематизираше дури и употребата на привремената референца ФИРОМ, затоа што не се употребувала „ерга омнес“ и не била во согласност со меѓународното право.
Слично

Поврзани вести