Нов погон на фабриката за акумулатори ТАБ МАК во Пробиштип
Нов погон вреден шест милиони евра пушти во употреба фабриката за акумулатори ТАБ МАК во Пробиштип. Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески оваа инвестиција годинава ќе отвори нови 80 вработувања за жителите од оваа општина.
Фабриката за акумулатори ТАБ МАК само пет проценти од целокупното производство го пласира на домашниот пазар, а останатото производство од 95 проценти се извезува на западноевропските пазари, Русија, Украина и други земји, а во 2014 година оваа фабрика очекува 25 милиони евра девизен прилив.
„Со инвестициите ги зголемивме производствените капацитети за изработка на стартер батерии на 600.000 парчиња, како и 100.000 парчиња индустриски двоволтни ќелии. Си поставивме цел во 2013 година да произведеме 400.000 парчиња стартер батерии, во 2014 – 700.000 стартер батерии и 150.000 парчиња индустриски двоволтни ќелии. Во иднина сакаме да произведеме еден милион стартер батерии и 250.000 парчиња двоволтни ќелии, како и да го модернизираме информатичкиот систем, обука на вработените, континуирано подобрување на условите за работа, обезбедување барање за заштита на животна средина, како што е изградбата на депонија за опасен отпад по највисоки европски стандарди, регулирање на пречистителна станица за индустриската вода“, рече Игор Липовиќ од ТАБ МАК.
Градоначалникот на Општина Пробиштип Тони Тоневски вели дека не се случува често во Пробиштип да се отвора нова фабрика или, пак, да се пушта нова производствена линија.
Дополнителни нови 6.000 работни места се очекува да бидат отворени годинава во фабриките на странските инвеститори во индустриските зони во Македонија, вели Ставрески.
„Деновиве имаме огласи за нови работни места во Кочани во „Анфенол“, потоа во Штип во „Џонсон Контролс“ и во многу други делови во Република Македонија. Ќе продолжиме со бизнис-заедницата и инвеститорите да градиме еден добар амбиент да се зголемува бројот на инвестиции, да се зголемува бројот на вработени во Македонија кои со последните податоци го достигна историски највисокото ниво од 683.000 вработени во Македонија, највисоко ниво во овие 20 години, како и невработеноста да опаѓа“, додаде тој.
Слично
