Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВ ОГЛАС ЗА ЧЛЕН НА НАДЗОРЕН ОДБОР - еве за која институција сега се бараат кандидати, рокот за пријавување е краток

НОВ ОГЛАС ЗА ЧЛЕН НА НАДЗОРЕН ОДБОР - еве за која институција сега се бараат кандидати, рокот за пријавување е краток

Владата објави јавен повик за избор на еден член на Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење во Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје („Македонија пат“).

Според повикот, кандидатите треба да бидат државјани на Македонија, да имаат високо образование од областа на правните науки (најмалку 240 ЕКТС кредити или VII/1 степен), како и минимум пет години работно искуство во правни работи. Дополнително, не смеат да имаат изречена забрана за вршење дејност или професија со правосилна судска пресуда.

Заинтересираните кандидати треба да достават пријава, кратка биографија, мотивационо писмо, уверение за државјанство, диплома за завршено образование, доказ за работно искуство и потврда дека немаат забрана за вршење професија, како и други релевантни сертификати и лиценци. Документацијата се поднесува во оригинал или заверена копија, во архивата на Владата или по пошта.

Мандатот на избраниот член ќе трае до истекот на тековниот состав на Надзорниот одбор, со можност за уште еден последователен мандат. Притоа, кандидатите не смеат да имаат деловни интереси што би можеле да влијаат врз нивната независност, ниту пак функцијата е споива со членство во Владата.

Рокот за пријавување е пет дена од објавувањето на повикот, односно најдоцна до 11 мај 2026 година. Непотполните и задоцнети пријави нема да бидат разгледувани.

Инаку Јавното Претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта е задолжено за редовно и зимско одржување на магистралните и регионалните патишта, за асфалтирање на помали делници и крпење на ударни дупки, како и за изработка и поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, за заштита на патишта, за информации за состојбата на патиштата и друго.

Со претпријатието овој период управува в.д. Директорот Нуредин Фетаи, а негов заменик е Александар Шуковски. Според податоците на веб страната на ова јавно претпријатие во Управниот одбор има седум членови, додека во Надзорниот два. 

По изборите има драстичен раст на огласи за вработување во државните институции. Покрај пополнувањето на разни позиции во основни училишта, се бараат лица и за во општините, но и државни институции како Фискалниот Совет, НБРСМ, Собранието, Министерството за транспорт, како и Управата за јавни приходи - УЈП, Министерство за финансии, Генерален секретаријат на Владата на Македонија...

Фактор неодамна објави дека според новиот извештај на Агенцијата за администрација е забележан остар раст на одлуките за избор на нови примени административци во 2025 година. Бројот на избрани кандидати за една година е зголемен за неверојатни 132,62 отсто.

П.О.

Слично

Поврзани вести