Нов обид за самоубиство: силен крик за помош или очаен чекор да се решат проблемите?!
Семејната трагедија во населбата Хиподром во која мајка си го фрли своето дете од четвртиот кат, а потоа и самата скокна од зградата силно одекна во јавноста. Вчера во центарот на Скопје уште еден човек се обиде да се самоубие. Овие настани кои според психолозите треба да отворат полни раце работа за надлежните служби но и за експертите кои работат на оваа проблематика. Психологот Мирјана Јовановска -Стојановска за Фактор вели дека нерешените проблеми и негрижата за менталното здравје доведуваат до вакви очајнички чекори да се разреши ситуацијата, јавно да се извади проблемот на површина и да се сврти вниманието на јавноста кон себе. Самоубиството вели е чин на несреќено или очајно човечко суштество кое се наоѓа во ситуација во која негледа излез.
“Овие случаи не се класични случаи на самоубиство. Би рекла дека повеќе личат на обиди да се решат некои проблеми кои траат подолго време, а за кои личноста не нашла соодветни начини како да ги разреши. Останување подолго време со нерешени проблеми довело до веќе очајнички чекори да се разреши ситуацијата. Јавно се вади проблемот и во неговото разрешување се инволвираат и другите присутни луѓе. Се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста кон себе. Добиената бизарна „популарност“ од ваквиот настан може некому да му даде инспирација како да ја разреши својата животна криза или неговата желба да биде виден и чуен”-вели психологот Јовановска -Стојановска.
Силен крик за помош!
Таа додава дека за да се дојде до ваков обид да се разрешат животните проблеми значи дека други одбрамбени механизми не помогнале, а личноста неможе да најде соодветни вештини да се справи со проблемот.Ненаоѓањето на соодветни механизми според психологот зборува за недоволен капацитет на личноста за справување со животот или предолго останување во стресна нерешлива ситуација каде што личноста многу пати, многу е повредувана.
“За да зборуваме за самоубиство потребно е постоење на два фактори: суицидогена диспозиција-односно вроден или стекнат намален нагон за самоодржување и суицидален мотив- кој може да биде многу субјективен а кој за оние одоколу може да изгледа неважен.Мотивите за самоубиство може да се најразлични: барање на помош, бегање од неподнослива ситуација, олеснување од тешки психички болки, обид да се влијае на некоја значајна друга личност, за да е покаже колку некого се сака, олеснување на тешкотиите на другите, за да се разжалостат другите, за да се убедат другите колку било очајно да се живее, откривање дали навистина се сакани, да се направи нешто во неподнослива ситуација, губење на контролата, желба за смрт”-додава Јовановска-Стојановска.
Како треба да делуваат институциите и можна ли е превенција?!
За жал, додава, трагедии секогаш ќе се случуваат колку и да е грижата голема бидејќи никој неможе да предвиди кој, кога и каде ќе се „скрши“ , но вели може да се намали бројката на ваквите случувања. Институциите треба да ја зголемат грижата за менталното здравје на населението и да соработуваат сите служби во тој правец: психолозите, психијатрите, социјалните работници, педагозите, правниците, економистите, професорите, полицијата.
“Она што е битно да се преземе се мерки кои можат да почнат уште во градинките и училиштата.Да се информираат децата за менталното здравје и да бидат едуцирани за важноста на одржувањето на менталното здравје,како да се прави тоа, кому да се обратат за помош . Медиумите, образовните институции треба да зборуваат повеќе за превенција, одржување и третмани поврзани со менталното здравје. На тој начин ќе се симне стигмата која постои во врска со менталното здравје и отпорот за барање помош”-објаснува психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.
Семејството- клучна улога за менталното здравје!
Семејството според неа има важна улога во квалитетот на менталното здравје на членовите. Блискоста, заедништвото, љубовта, разбирањето, прифаќањето создаваат чувство на безбедност и спокој така да сите проблеми што ги носи животот подобро се поднесуваат и се решаваат. Кога проблемот ќе се појави во семејството, таа порачува, пријателите и институциите да бидат спремни да помогнат.
“Исто така ние сите поединечно со тоа што нема да ги затвораме очите и да ја вртиме главата на страна кога ќе забележиме дека некој има потешкотии во психолошкото функционирање, туку ќе се обидеме во рамките на нашите можности да му помогнеме или барем да го упатиме каде што можат да му помогнат. Како причина за самоубиство највисок процент се менталните болести, проблеми во партнерските односи, неодамнешна животна криза, физичкото здравје, проблеми на работно место, финансиски проблеми, потоа злоупотреба на наркотици,алкохолизам,психолошка состојба, културна, фамилијарна и социјална ситуација, но сите тие можат да бидат решени доколку навреме се реагира од оние кои го препознале или живеат со проблемот”-додава психологот.
Семејната трагедија во населбата Хипором внесе револт и гнев кај граѓаните, но јавниот линч и осудата според Јовановска-Стојановска само дополнително го усложнуваат проблемот, бидејќи за мерка според која се суди се земаат основни правила на однесување и функционирање кои се за нормална и здрава популација. Ваквите случаи вели треба да се третираат на сосема поинаков начин кој ќе го лоцира коренот на проблемите.
“Кога ќе се случат вакви трагедии нормално е кај населението да се појави многу гнев за стореното дело, лутина и желба да се казни виновникот. За мерка според која се суди се земаат основни правила на однесување и функционирање кои се за нормална и здрава популација. Обземени од силни чувства. Луѓето не помислуваат дека овие критериуми и неможат да се применат врз оние кои се одлучиле на самоубиство. Самоубиците во моментот на вршење на делото не се во контакт со реалноста, тие се со стесната способност за рационално размислување и донесување на одлуки”-нагласува психологот Јовановска-Стојановска.
Позади секое самоубиство порачува таа постои тажна приказна на длабоко душевно патење, која според неа може да се реши доколку навреме се побара помош, а истата ќе ја добие само оној кој ќе ја побара.
Слично
