Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВ МОДЕЛ ЗА НОВ ЛИК НА ГТЦ: Реалност или фикција?

НОВ МОДЕЛ ЗА НОВ ЛИК НА ГТЦ: Реалност или фикција?
Моделот на јавното- приватно партнерство за реконструкцијата на Градскиот трговски центар, за дел од архитектите е можност за нови преговори, а дел пак сметаат дека на овој начин државата бара финансиски модел за реализација на проектот. Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија не очекуваат дека тој што ќе биде избран на огласот за јавно-приватно партнерство ќе ја промени идејата за барокната фасада на ГТЦ. -Јас лично сметам дека ова е начин како да се спорведе реализацијата на проектот, оти очигледно државата има проблем со обезбедување пари за реконструкцијата. Затворањето по принципот на мол е скапа работа, и е една од најскапите ставки во инвестициониот проект. Несомнено е дека на ГТЦ му треба обнова, но не да му се менува автентичниот лик. Мислам дека ако Владата решила ГТЦ да има барокна фасада, ќе го направи тоа и никој не може да ги спречи во тоа. Дури би ме чудело и да се откажат оти на тој начин ќе си ја признаат грешката,  вели за Фактор, претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ Јовановиќ. Од Граѓанската иницијатива за ГТЦ велат дека целата постапка за реализацијата на проектот е нелогична, особено последната објава на оглас за консултантска куќа  за изработка на студија, која ќе покаже каков е интересот на приватните инвеститори за реконструкција, надградба и управување со ова објектот, бидејќи вообичаено студијата се прави пред изработката на основниот проект. Но сепак велат дека ова е поттика и можност за нови преговори за задржување на автентичноста на ГТЦ. Од Граѓанската инцијатива најавуваат нов кампања за спас на ГТЦ. -Мислам дека целата постапка е нелогична и измешана, бидејќи оваа физибилити студија се нарачува кога проектот е речиси готов. Ако студијата е за партнерство тогаш таа нема влијание на проектот, туку таа треба да ја покаже економската исплатливост на инвестицијата. Но мене не ми се допаѓa тоа што девастацијата на ГТЦ продолжува, намерно нема никакви елементарни вложувања, овој објект плаче за обнова, но при тоа да се задржи автентичноста на објектот. Во секој случај физбилити студијата ја поддржуваме, оти таа ќе покаже многу , ако е професионално изработена. Ова е само поттик за одбрана на нашиот став, ќе имаме работа со нов приватен инвеститор на кој ќе мора да објасниме дека ГТЦ е културно наследство, да му ги изнесеме нашите аргументи за задржување на автентичноста на ГТЦ. Ние како Граѓанска иницијатива веќе се реактивиравме во овој период преку социјалните мрежи, но подготвуваме и нова кампања за задржување на автентичноста на ГТЦ, деталите за почетокот на кампањата и како ќе се одвива, ќе ги соопштиме наскоро на прес-конференција, а планираме да почнеме од почетокот на следниот месец, вели за Фактор архитектот Даница Павловска од Граѓанската иницијатива за ГТЦ. Што предвидува моделот? Според информациите во огласот објавен на Бирото за јавни набавки, Министерството за транспорт и врски  бара консултант кој ќе изработи студија за исплатливост на инвестицијата и  ќе изготви модел за приватно – јавно партнерство,  ќе анимира потенцијални инвеститори. Фирмите треба да се пријават најдоцна до 12-ти следниот месец, а може да конкурираат компании кои имаат зад себе најмалку два слични проекти и позитивно финансиско работење. Крајниот рок е 12-ти декември. Компанијата што ќе го добие огласот треба за пет месеци да ја направи анализата која ќе треба да покаже дали проектот е исплатлив, и потоа ќе следува нов оглас на кој ќе се бара инвеститор за реконструкција. Од државниот буџет за изготвување на неопходната физибилити – студија е проценето дека ќе се издвојат околу 80.000 евра, без вклучен ДДВ. Условите во јавното-приватно партнерство ќе ги прецизира консултантската кужа, но една од можностите е приватниот партнер бидејќи ќе вложи средства, за возврат  ќе може да стопанисува 25 години со  новиот,  трет кат  кој ќе има површина од 12 илјади квадратни метри. ГТЦ сега е акционерско друштво, а со 97% од капиталот државата преку претпријатието за станбен и деловен простор е мнозински сопственик. А во меѓувреме архитектонското биро “Архитектоника“, го изработува основниот проект за реконструкција и надградба на ГТЦ, врз основа на идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според идејното решение на авторите, фасадата која гледа кон Собранието ќе биде неокласицистички стил со десетици антички столбови, а на кровот ќе има голема тераса со неколку скулптури, куполи. И другите страни ќе добијат соодветни украси со бронзени или елементи со златно-жолта боја.Се предвидува целосно затворање на трговскиот по принципот на моловите и надградба со уште еден спрат. Граѓаните се за сегашниот изглед на ГТЦ Пред четири месеци Фактор спроведе анкета за читателите, на која што над 82 отсто се изјаснија дека градскиот трговски центар во Скопје треба да се реконструира но да го задржи сегашниот архитектонски изглед. Само 18 отсто од читателите се изјаснија  дека ГТЦ треба да се реконструира и да добие целосно нов лик во барокен стил. За архитектите ваквиот став на читателите беше очекуван. Сегашниот објект ГТЦ е изграден според идејното решение на професорот Живко Поповски, кој на конкурсот во 1967 година ја добил наградата за проектот, а ГТЦ е изграден во 1973 година. Лани архитектите од ААМ беа првите кои го кренаа гласот против менувањето на фасадата на ГТЦ во барок, и преку кампањата “Го сакам ГТЦ”, покажаа зошто не треба да се менува ликот на овој култен објект. На петицијата за зачувување на афтентичниот изглед на ГТЦ се потпшиаа над 4.000 граѓани. Се поднесе и иницијатива за референдум Летово  архитектите од ААМ под мотото “Го сакам ГТЦ повеќе од било кога”,  поднесоа иницијатива до општина Центар да распише референдум и да ги праша граѓаните дали се за идејата за барок или за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар. Архитектите изјавија тогаш дека во повеќе наврати апелирале да престане идејата за барокна фасада на трговскиот центар, но сите нивни обиди завршувале без успех. Засега нема информација кога и дали воопшто општината Центар ќе го распише референдумот. Од ААМ велат дека сеуште чекаат одговор од Центар. Ј.С
Слично

Поврзани вести