НОВ МОДЕЛ НА ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ: Средношколците не попуштаат, надлежните ретерираат!
Моделот на екстерно тестирање кој се спроведува во земјава нема да го подобри квалитетот ниту знаењата на учениците и не смее да биде мерило за успех за постигнувањата на учениците, сметаат средношколците. Тие бараат укинување на екстерното кое како што велат скрои многу судбини, особено на оние ученици кои поради единиците кои завршија во свидетелствата и пониските оценки добиени на екстерниот тест не успеале да го продолжат своето образование.
Андреј Битраков кој е координатор на Средношколскиот пленум за Фактор вели дека средношколската борба и сплотеност од минатата учебна година ќе продолжи и годинава. Тие не се откажуваат од барањата за укинување на екстерното, а нивната одлука ја зацврсти последното ретерирање на надлежните кои најавија дека ќе има нов концепт во кој ќе ги вклучат сите засегнати страни. Ова според средношколците докажува дека нивната борба за подобро и поквалитетно образование била оправдана, а грешките се увидени. Деновиве пленумците ги договараат следните чекори кои како што велат ќе зависат од слухот на надлежните.
“Поради бројните недостатоци и нелогичности Средношколскиот Пленум бара укинување на постоечкиот модел на екстерно тестирање кој се користи како метод на оценување на учениците и наставниците. Сметам дека може да се спроведува метод на надворешна евалуација со која би се подобрил образовниот систем, детектирале и отстраниле аномалиите во него, со што би се зголемил квалитетот на образованието и би се постигнало еднакво ниво на знаење низ територија на цела Македонија. Ова може да се постигне со сеопфатна анализа, користење на искуства од развиените европски земји и учество на сите заинтересирани и засегнати страни” –вели средношколецот Андреј Битраков.
Вака поставениот концепт со однапред познати прашања и еден тест на заокружување, според учениците покажува дека надлежните немаат доверба во веќе осмислените механизми за проверка во текот на учебната година и преку државната матура. Оттука е нејасно зошто на матурантите им е потребно постојано проверување овој пат на полугодие со дополнително екстерно тестирање повторно од државата по нови два предмети?
“Моменталниот концепт на полагање на државна матура опфаќа полагање на три екстерни предмети, од кои првиот задолжителен (мајчин јазик), вториот изборен (математика или странски јазик) и третиот изборен (од група предмети, во зависност од видот на средното образование), еден интерен изборен предмет и проектна задача.
Средношколскиот Пленум, согласно претходното воведување на државната матура како замена за приемниот испит кое значи дека секој матурант би избрал предмет неопходен за рангирањето при уписот на факултет, смета дека воведувањето на било кој втор задолжителен екстерен предмет го ограничува правото на матурантот да избере предмети соодветни на неговите афинитети и желби за понатамошно образование. Дополнително, сметам дека полагањето на втор задолжителен предмет, без притоа промена на наставната програма на изучување на истиот, не доведува до подобрување и зголемување на знаењето”-додава Битраков.
Минатогодишните активности на Средношколскиот Пленум и организираната борба против лошите реформи во образованието, според него ја покажаа моќта на солидарноста и сплотеноста. Иако во поглед на барањата Пленумот не доби ништо ветувачко, освен едногодишното одложување на новиот концепт на полагање на државна матура, учениците вели беа сведоци, а воедно и учесници, во најголемата борба предводена од средношколци. Научиле дека има начин да бидат слушнати нивните мислења и да бидеме активно вклучени во креирањето на образовните политики.
“Солидарноста, единството и желбата за подобар образовен систем, како за нас така и за сите идни ученици кои ќе ги пополнат нашите места во училишните клупи ни помага во надминувањето и пребродувањето на нив. Мора да напоменам дека покрај притисоци имавме и поддршка од студенти, родители, наставници и случајни минувачи, за која доказ се собраните илјадници потписи и што беше наше силно оружје како антитежа на притисоците. Аргументите и издржаните барања на крајот ќе допрат и до оние кои на почетокот не покажаа никаков слух, ни интерес во поглед на нивно исполнување.Ги повикувам сите ученици да ни се придружат во нашите активности со пораката на големиот Махатма Ганди: „Прво те игнорираат, потоа ти се смеат, па се борат со тебе и на крајот ти победуваш“-нагласува Андреј Битраков.
Средношколскиот Пленум на крајот од минатиот месец ги поднесе своите барања до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Имајќи предвид дека учебната година е во тек и дека се ближат роковите за пријавување на предмети кои учениците ќе ги полагаат на државната матура, како и полагањето на екстерно тестирање за матурантите, очекуваат средба со надлежните. Секое одложување на дискусијата и изнаоѓање на решение за проблемите е велат на штета на учениците и целокупниот образовен систем.
Според учениците не може со преку ноќ донесени измени да се очекуваат позитивни ефекти и резултати во образованието, а дополнително ниту едно општество не смее да си дозволи „луксуз“ поединци да ги поставуваат основите на образованието кое е втемелувач на општествените и лични вредности според кои младите ќе го градат општеството. Искуствата во демократските општества, како што велат тие, покажуваат дека образование засновано на принцип на доверба и свест кај граѓаните е најдобриот модел за градење систем кој ќе произведува вредност и знаење.
С.Б.
Слично
