Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВ МИЛИОНСКИ ДОГОВОР СО ГЕРМАНСКИ ВЕРИДОС: МВР без оглас ги ангажира за пасошите

НОВ МИЛИОНСКИ ДОГОВОР СО ГЕРМАНСКИ ВЕРИДОС: МВР без оглас ги ангажира за пасошите

Министерството за внатрешни работи (МВР) склучило со германската компанија „Веридос“ (Veridos GmbH) договор без да објави оглас во вкупна вредност од безмалку 3,5 милиони евра ( 218.300.000 денари). Договорот е објавен, а Бирото за јавни набавки одобрило да биде без оглас. Станува збор за договор со кој „Веридос“ за тие пари треба да прави поддршка и одржување на системот за издавање лични документи. Оваа е истата фирма од која лани МВР ги набави новите видови обрасци за лични документи односно за пасоши, лични карти, возачки дозволи... Рамковната спогодба со компанијата беше склучена на 5 декември 2019 година, а Договорот за нарачка беше од 11.12 истата година. Компанијата сепак ги доставуваше обрасците за лични карти и пасоши во текот на минатата година, а за оваа набавка ВМРО ДПМНЕ го обвини министерот Оливер Спасовски со сомнение за незаконска постапка.

Според новиот договор склучен годинава „Веридос“ ќе треба да врши поддршка и одржување на системот за лични набавки во следните три години. Сиот договор вреди 3,5 милиони евра со ДДВ или три милиони евра без данокот. Годишно МВР ќе го чини ова по 1,3 милиони евра без ДДВ. Спогодбата е рамковна.

„Веридос“ ќе треба периодично превентивно да го одржува системот, редовно да го сервисира, да ја тестира неговата функционалност, а и да обезбеди техничка линија за поддршка.

Лани ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ склучиле договор со фирмата „Веридос“ за набавка на пасоши и лични документи во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2021, во вредност од 20 милиони евра, поточно околу 19,6 милиони евра, а согласно планот за набавка на пасоши и документи за лична идентификација во МВР во текот на 2019 година предвидени биле средства во висина од околу 7 милиони евра за истата јавна набавка, за веднаш потоа единствениот понудувач „Веридос“ да побара сума од околу 20 милиони евра или поточно 19.681.666 евра, сума која што веднаш е обезбедена од Владата на СДСМ во текот на постапката.

„Целата постапка е сомнителна и незаконска во роковите околу јавната набавка. Договорот за рамковната спогодба во висина од 19.681.666 евра е склучена на 5 декември 2019 година, а одлуката за избор и извештајот за постапката за оваа јавна набавка се склучени и архивирани на 6 декември 2019, односно еден ден подоцна откако е склучена рамковната спогодба од страна на МВР со фирмата „Веридос“.По логика на нештата, но и според законите и сите процедури во Република Македонија, најпрвин треба да се донесе одлука за избор, па потоа да се потпишуваат договори и рамковни спогодби за висина на сума, но очигледно на СДСМ им се брзало првин да го договорат финансискиот дел, па потоа законските процедури да ги запазат, односно да не ги запазат, изјави лани Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Подоцна настана и пасошка криза односно немаше изработени пасоши, а техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев поднесе и кривична пријава за таа јавна набавка. Чулев го обвини Спасовски дека четири години не презел мерки за набавка на обрасци за лични документи и место со нов договор, набавките ги решавал со анекси на стариот договор со компанијата „Веридос“, па договорот од 7,2 милиони евра со анексите се искачил на 12,8 милиони евра.

Тогаш техничкиот премиер, Оливер Спасовски, ги повика истражните органи да утврдат дали одговорноста за пасошката криза е негова.

„Јас сум тука, истражни органи има, слободно нека ги проверат сите аспекти, не бегам од одговорноста ако е моја“, рече премиерот Спасовски.

А.Т.


Слично

Поврзани вести