Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нов концепт за екстерно: Скроено решение или конечно можност за дебата?!

Нов концепт за екстерно: Скроено решение или конечно можност за дебата?!

“Новиот концепт за екстерно нас не ни менува ништо, нити не фасцинира нешто посебно затоа што ние како главна засегната страна сме прескокнати. Не бараме многу, бараме да бидеме прашани за нешто што се однесува и се одразува на нас, но нели надлежните веројатно на сите ни се во главите па нема потреба да не прашуваат за мислење, тие се знаат. Со таканаречените интензивни преговори не сме запознаени бидејќи како што реков не сме ни прашани, ниту имаме учество во истите. Маршот е за една недела, и тој ќе претставува наше официјално будење и повторно застанување на штитот на образованието. Пак ќе се кренеме против лошите реформи се додека тие не запрат и МОН не се свестат како го уништуваат образовниот систем”- вели Симона Туфекџиќ од Средношколскиот пленум.

Идејата на Министерството за образование за нов концепт на екстерно тестирање кое прво ќе биде применето за матурантите, според средношколците не менува ништо од досегашните позиции,  поради како што велат континуираните прескокнувања и игнорирање на најзасегнатите-учениците и професорите. За нив потенцираат од пленумот на средношколци е дискутабилно и нејасно дали може да се донесе нов концепт за толку кратко време, кога  беа потребни години за да се детектираат и признаат проблемите кои се провлекуваат секоја учебна година. Па така според средношколците, овој чекор кој доаѓа на само два месеци пред полагањето на првите тестирања за матурантите остава простор за сомнеж дека и овој пат нема да има конструктивна и јавна дебата, туку дека се работи за веќе готово решение на надлежните.

Меѓу кој се водат преговори, кога засегнатите страни (учениците) не знаат

Дополнително, додаваат учениците тие не знаат кој и како ги води преговорите во нивно име, кога се водат истите и кој учествува во работните групи кои за толку кратко време ќе мораат да скројат сосема нов концепт за владината реформа која ќе мора да подлежи и на законски измени. Нејасно е велат  кој ќе ги подготвува прашањата, бидејќи искуствата од  минатите години покажаа  технички  но и со содржински грешки.

“Идејата за новиот концепт за екстерно нас не ни менува ништо, нити не фасцинира нешто посебно затоа што ние како главна засегната страна сме прескокнати. Не бараме многу, бараме да бидеме прашани за нешто што се однесува и се одразува на нас, но нели надлежните веројатно на сите ни се во главите па нема потреба да не прашуваат за мислење, тие се знаат. Со таканаречените интензивни преговори не сме запознаени бидејќи како што реков не сме ни прашани, ниту имаме учество во истите. Маршот е за една недела, и тој ќе претставува наше официјално будење и повторно застанување на штитот на образованието. Пак ќе се кренеме против лошите реформи се додека тие не запрат и МОН не се свестат како го уништуваат образовниот систем”- вели Симона Туфекџиќ од Средношколскиот пленум.

Учениците повторно застанување на штитот на образованието

Протестниот марш на средношколците закажан за следната недела и реактивирањето на средношколската борба според неа е само логичен чекор по низата игнорантски однесувања на надлежните кон учениците, иако тие повеќепати побарале  средби, јавни дебати и разговори за проблемите кои како што вели се провлекуваат со години во образовниот систем. Страв велат учениците не треба да има бидејќи и покрај притисоците кои за нив се веќе очекувана реакција, борбата за квалитетно образование мора да потекнува од најзасегнатите.

“Сакам да им порачам на сите ученици и професори, да одвојат барем еден час од денот за да ни се придружат, да не ги чуваат нивните критики за себе, нека им дозволат на нив да прошетаат по нашите улици, затоа што ова е за сите нас, за сегашните и идните генерации. Во вакви времиња нема простор за страв, туку само за критичка мисла и идеја за стопирање на апсурдностите низ нашите училишта”-додава средношколката Туфекџиќ.

Во своите барања кои Средношколски пленум ги поднесе до ресорното министерство  се бара целосно укинување на екстерното тестирање но и транспарентно носење на измените во однос на полагањето на државната матура.  Во нив потенцираат учениците,  полагањето на државна матура за сите веќе запишани средношколци треба да се изведува по стариот концепт,а пленумот  да биде рамноправно вклучен ако се прави нов концепт на полагање на државна матура, кој според нив треба да важи за учениците кои  ќе се запишат во средно по негово донесување и стапување во сила.

Дали ќе има нов концепт на екстерно тестирање и истиот ќе биде по мерка на сите засегнати страни или ќе следи ново изненадување за учениците и професорите  се  дилемите со  кои деновиве се засегнати и професорите. Ставот на ресорниот министер за образование Абдилаќим Адеми дека за  креирање на новите законски решенија ќе биде отворена широка јавна дебата, а од друга страна дека поради политичката состојба образованието нема да биде во преден план за власта, според  професорите фрла сомнеж дека се тактизира и се купува време, повторно на  нивна штета.

Надлежните не ни помислуваат на образованието

“Министерот зборува за нов концепт но во исто време зборува и дека сега не е момент да се мисли на образованието. Кој знае, можеби ќе решат да донесат уште еден закон по експресна скратена постапка, но дали така ќе се поправат грешките не можам да тврдам бидејќи министерот не кажал ништо конкретно околу новиот концепт.  Екстерното тестирање пак ќе ги окупира сите наши сили и сите расположиви човечки ресурси, почнувајќи од учениците и наставниците преку вработените во БРО, МОН, ДИЦ и така натаму. Поради екстерното тестирање сите овие институции како да заборавиле која е нивната примарна улога”-вели професорката Данијела Ѓорѓевиќ од Наставничкиот пленум.

Екстерното тестирање во моментот е најболната точка во образовниот систем, нешто што може повторно да предизвика бојкот на учениците или нови протести. Премиерот Груевски минатиот месец  во Собранието одговарајќи на пратенички прашања ја отвори можноста за корекции во  екстерното кои ги правдаше како подобрување на тестирањето  со цел да се добие  на квалитет и остварување на целта.

“Оваа година Владата на Република Македонија и МОН размислуваат за дополнителни подобрувања. Тие дискусии ќе се пренесат, па ќе има консултации. Ќе видиме што може да се спроведе. Размислуваме да се даде можност за полагање наместо еднаш во годината да биде 2 или 4 пати. Да има  повеќе проблемски прашања за да се увериме дека ученикот ја разбрал суштината. Се дебатира доколку ученикот биде оценет со 1 дали да преполага или ако не е задоволен со оцена да преполага.  Се размислува да се подобри формулата за пресметка на просек на ученик. Да се провери дали има прашања чиј одговор нема во некои учебници и да се изготват прашања од само еден од одобрените учебници.  Да се ангажираат само надворешни лица за набљудувачи, а не наставниците заради зголемување на објективноста. Се дискутира и за комисиско разгледување. Ќе се донесе одлука како да се вратат повисоки стандарди”- образложи премиерот пред пратениците.

Токму ова образложение на премиерот по кое експресно доаѓа најавата на министерот дека ќе има нов концепт за екстерното, кај учениците и наставниците  создава сомнеж дека надлежните веќе го скроиле новиот концеп по “мерка на сите засегнати”?!

С.Б.

Слично

Поврзани вести