НОВ ИНЦИДЕНТ: Блокирано возило на Брза помош, „Шарената револуција“ тврди дека било празно
Откако во дел од медиумите се појави информација дека денеска при блокадата на мостовите, било блокирано и возило на Брза помош со што бил загрозен живот на пациент, од „Шарената револуција“ повикуваат на смиреност.
Велат дека се работи за провокација, злоупотреба и нечовечки методи кои ги користи власта да креира лажна слика за „Шарената револуција“.
„Предмалку, на блокадите на мостот „Гоце Делчев“, во исто време дојдоа две возила на Брзата помош кои беа празни, што се гледа од фотографиите во прилог. Возачите уште при првиот застој излегоа да се расправаат со демонстрантите, иако тие уредно им направија место веднаш да поминат. Целата оваа ситуација е документирана преку фотографиите на кои се гледа дека возилата се празни и дека не превезуваат пациенти. Во моментот кога оваа режирана сцена се случуваше, се појавија и камерите на провладините медиуми кои „случајно“ го снимија овој настан и веднаш потоа заминаа. Ова е очигледна и перфидна манипулација преку злоупотреба на јавното здравство и возилата на брзата помош. Во услови кога пациенти чекаат со часови на брза помош, власта ги злоупотребува возилата за политички местенки“ - велат од „Шарена револуција“.
Ги повикуваат своите активисти на смиреност и будност, и да не се наседнува на провокации и манипулации.
Проблеми имаше и минатиот пат на блокадите, кога моторџија влезе во толпата по што имаше расправии и еден граѓанин го удри.
