Нов бран во ВМРО ДПМНЕ, се менуваат директори низ цела Македонија
Нов бран на кадровски промени се најавува во ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се менуваат директори на дваесетина претпријатија.Веќе се сменети повеќе високи службеници во администрацијата во Валандово, како и директорот на Водостопанство Берово.
На прес-конференција, актелниот министер за здравство и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ, Никола Тодоров изјави дека кадровското „освежување“ продолжува.
„Во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да ја согледа успешноста на работата на функционерите кои беа именувани и врз основа на тоа да донесе одлука за промени во одредени области. Смените на досегашните функционери беа резултат на нивната неможност да одговорат на темпото на работа на ВМРО-ДПМНЕ и на одредени објективни слабости или недоволна посветена работа, што е во целосна спротивност на основните принципи на делување на партијата“, изјави Тодоров.
Кадровски промени ќе има и во Агенцијата за катастар во Демир Хисар, во Јавното комунално претпријатие во Градско, Облешево, Василево. Се менува двајца директори во ЈП Водовод Скопје, раководителите на Фондот за здравство и шумска полиција во Струмица, а во Велес раководителот на подрачното одделение на Агенцијата за вработување. Промени ќе има во Неготино, Охрид, Кисела Вода.
„Ваквата работа на ВМРО-ДПМНЕ за кадровска обнова е во правец на продолжување на успехот со несмален интензитет, но истовремено надминување на сопствените грешки, се со цел постигнување уште подобри резултати во континуираните промени и реформи. Со тоа истовремено се гарантира и продолжување на чесниот, отчетниот и работливиот пристап, но и отвореноста во работата на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Тодоров.
За СДСМ пак, новиот бран е признание од ВМРО-ДПМНЕ за катастрофалната кадровска политика.
„Очајните резултати на локално и национално ниво на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, се производ и на ваквата лоша кадровска политика“, реагираат од опозицијата.
Слично
