НОВ АНЕКС ВО СОБРАНИЕТО: За автопатот Кичево - Охрид ќе се потрошат уште 200 милиони евра
Во Собранието пристигна законска измена на договорот за изградба на автопатот Кичево - Охрид со нов анекс - осми по ред, со кој ќе се доплаќаат дополнителни 200-тини милиони евра за доизградба на делницата.
Со осмиот анекс се продолжува рокот на изградба до 31 мај 2027, а за овој период изведувачот „Синохидро“ од Кина ќе треба да поднесува банкарски гаранции дека ќе заврши навреме, проограми за работа и отчет во форма на извештаи пред државата.
„Согласно потточка 1.1.3.3 од Детални услови на Договорот Дел А (Договорни податоци) и потточка 8.4 од Деталните услови на Договорот Дел Б -Детални одредби, Рокот за завршување на работите се менува од 4627 во 4778 дена во дел А- Договорни податоци (Додаток кон понудата). Според тоа, ревидираниот краен рок е 31.05.2027 година“, запишано е во законскиот материјал.
Во дооставениот „Предлог на закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево-Охрид“, предложен од вицепремиерот Александар Николоски по скратена постапка, предвидено е да се додадат околу 200-тини милиони евра на анексот со број 3, како новопропишани во анексот 8.
„Заради потребата од изведување на непредвидени и дополнителни градежни работи, како нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот, вредноста на основниот договор и Анекс бр.3 се зголемува за дополнителен износ од прифатените прогнозирани предмер пресметки и конечните единечни цени во износ од 186.284.318,23 Евра и привремена сума од 18.628.431,82 Евра, кои се прилог и составен дел на овој Анекс бр.8.
Плаќањата по основ на оваа дополнителна сума ќе се вршат 85% во Американски долари на сметка на изведувачот, а 15% во денари на сметка на подружницата на изведувачот во РСМ. Девизниот курс помеѓу Евро и Мкд денар што ќе се користи во пресметки на МКД компонентата е средниот курс на Народната Банка на РСМ што важи на денот на издавање на времената ситуација“, пишува во законската измена.
Договорните страни се согласуваат 5 отсто од вкупниот износ на овој Анекс бр.8 да се исплати авансно. Законската измена е веќе изгласана и со указ одобрена од претседателката на РСМ.
Уште во текот на минатото лето владата најавуваше поскапување на автопатот. Николооски рече дека за негово довршување ќе треба да се прошири и кредитната рамка, бидејќи за стабилизирање на свлечиштата не биле предвидени пари. Премиерот Христијан Мицкоски не прецизираше уште колку пари ќе бидат потребни за завршување на автопатот, ниту од кого ќе се земат, но објасни дека е тоа поради дополнителни работи кои не биле предвидени со проектот, меѓу другото и за санирање на свлечишта на делницата кај Ботун, за кои рече дека биле уште попредизвикувачки од десетте кои се меѓу Кичево и тунелите кај Пресека.
Изградбата на автопатот, проектиран со вкупна должина од 57 километри, почна во 2014 година и од првично предвидените 374 милиони достигна вредност од над 600 милиони евра. Не е завршен и покрај седумте претходни анекси на договорот со кинески „Синохидро“ со кои беа продолжени роковите.
А.К.