НОТАРСКА КОМОРА: Тарифата не само што не го следеше трендот на пораст на платите, туку и е намалувана во 2010, 2016, 2019
Од Нотарската комора велат дека трошоците растеле, а цената на нотарските услуги се намалувала.
Нотарите не се откажуваат од потребата за зголемување на цената на нотарските услуги. Од нотарската комора велат дека за новата одлука на министерот Игор Филков слушнале од медиумите и дека се подготвени за дебата во која ќе се соочат фактите за нотарската тарифа.
„Нотарската тарифа не само што не го следеше трендот на пораст на платите, животните трошоци, стапката на инфлација и вредноста на правната работа, туку напротив во овие 25 години, истата во континуитет е намалувана во 2010, 2016 и 2019 година. Влијание на измените на Нотарската тарифа има и фактот што од воведувањето на нотаријатот, донесени се низа закони со кои се зголемуваат обврските на нотарите, што само по себе повлекува нови вработувања во нотарските канцеларии, а Нотарската тарифа паралелно се намалува“, се наведува во реакцијата на Нотарската комора.
Министерот за правда Игор Филков, вчера соопшти дека иницирал повлекување на зголемувањето на нотарската награда. Тој посочи дека ваквата одлука била донесена од неговиот претходник на заминување, Кренар Лога, пред тој да ја напушти функцијата..