Нормално ли е ова? Банките лансираат профити, кај фирмите шарено кон просечно
Може ли да се направи релација меѓу работата на фирмите и профитот на банките преку синтагмата „Просечноста ваша е добивката наша“?
„Фактор“ за своите читатели направи споредба на шестмесечните резултати на 16 големи домашни акционерски друштва, на трите најголеми банки и на една осигурителна компанија. Заклучокот е дека основите на економската теорија според кои растот на фирмите е следен со раст на профитабилноста на банките не важат во голема мерка во македонската економија. Или барем тоа не може да се докаже ако се гледаат резултатите на македонските фирми чии акции котирааат на нашата берза и кои важат за големи домашни компании.
Податоците кај фирмите се однесуваат на приходите од продажба и на добивките во првите шест месеци годинава во споредба со истиот период лани. Опфатени се компании од фармацевтскиот сектор, градежништвото, производство на храна и пијалоци, метална индустрија, шпедиција, производство на градежни материјали, трговија и производство на нафтени деривати. Таргетирани се компании кои имаат полугодишни приходи кои надминуваат 400 милиони денари.
Забележително е дека на двете најголеми компании, според остварените приходи, „Макпетрол“ и ОКТА годинава приходите им се помали од лани. Кај „Макпетрол“ тие се намалени за 17 отсто до ниво од 7,39 милијарди денари, а кај ОКТА се намалени за 11 отсто до износ од 8,07 милијарди денари. Главната причина за тоа се намалените регулирани цени на нафтените деривати што ги утврдува државата. И двете компании книжат профити на полугодие и тоа во услови на намалени приходи. „Макпетрол“ има добивка од 93,5 милиони денари, а лани на полугодие бил во загуба. ОКТА има профит од 159 милиони денари што е раст за 35 отсто од лани.
Кај градежниците состојбата е „шарена“. Двете најголеми компании „Гранит“ и „Бетон Скопје“ немаат „НЗС“. „Гранит“ има зголемени приходи за 53 отсто кои на полугодие се 2,82 милијарди денари, но добивката за истиот период му паднала за 8 отсто во однос на лани и изнесува 200 милиони денари. „Бетон“ пак книжи пад на приходите од 27 отсто со 883 милиони денари, а раст на добивката од 5 отсто. Најголемиот шпедитер во земјава „Фершпед“ има пад на приходите за 10 отсто до 1,53 милијарди денари, а на полугодие книжи загуба од своето работење.
Кај најголемите „металци“ состојбата е следна: „Макстил“ има приходи како и лани, но книжи пад на добивката за 38 отсто. „Арчелор миттал“ ЦРМ пак има пад на приходите од продажба од 10 отсто до 2,63 милијарди денари и загуба на полугодие од 43 милиони денари. Единствена светла точка во оваа бранша е кумановски фЗЦ кој бележи раст на приходите до 569 милиони денари и профит од 130 милиони денари по ланската загуба.
Кај фармацевтската компанија „Алкалоид“ растат и приходите и профитот полека, но континуирано. И тоа приходите за 4 отсто до 4,2 милијарди денари, а добивката за 8 отсто до 326 милиони денари. Најголемата телекомуникациска компанија „Македонски телеком“ има приходи како и лани од 5,1 милијарди денари, но книжи преполовен профит во споредба со истиот период лани. Цементарницата УСЈЕ како и „Алкалоид“ полека и сигурно. Приходот од продажба со плус 10 отсто до 1,97 милијарди денари, а добивката до 574 милиони денари со раст од 11 отсто.
Најголемиот земјоделски комбинат „Пелагонија“ на полугодие има мал пад на приходите и прикажува загуба од 20 милиони денари. „Житолукс“ книжи пад на приходи од 8 отсто до 513 милиони денари и за прв пат добивка од 6,8 милиони денари. „Витаминка“ во ова полугодие има пад на профитот од 42 отсто до 25 милиони денари при раст на приходите од 4 отсто до износ од 825 милиони денари.
Од производителите на пијалоци во првите два квартали „Прилепска пиварница“ со пад на профитот од 9 отсто при раст на приходите од продажба за 8 отсто до 761,2 милиони денари. „Тиквеш“ пак книжи добивка од 17,3 милиони денари која расте за 22 отсто, а приходите се повисоки за 9 отсто и изнесуваат 623,5 милиони денари.
Веројатно дека најголем број или можеби сите овие компании имаат деловни односи со трите најголеми деловни банки. Во вакво шаренило во различни економски сектори трите најголеми банки ѕидаат профити.
Предничи „Стопанска банка Скопје“ со 1,1 милијарди денари профит што е 111 милиони денари повеќе од истиот период лани. И тоа во услови кога нето приходите кумулативно од камати и надоместоци и провизии паднале за 90 милиони денари до ниво од 2,13 милијарди денари. НЛБ Банка стигна до добивка од 576 милиони денари повеќе за 66 милиони денари од лани. Тоа е резултат постигнат во услови кога нето приходите од двете најважни ставки растат за 170 милиони денари до 1,795 милијарди денари. И „Комерцијална банка“ книжи добивка од 207 милиони денари, лани беше во загуба, а нето приходите од двете најважни ставки се повисоки за 35 милиони денари и изнесуваат 2 милијарди денари.
Р.Ф.