НЛБ Тутунска банка ја почна годината со квартална добивка за 38,2% повисока од лани
НЛБ Тутунска банка го заврши првиот квартал од годинава со нето добивка од речиси 200 милиони денари (околу 3,2 милиони евра), што е за 38,2% повисока од добивката остварена во истиот период минатата 2013 година.
Во првото тримесечје од 2014 година, нето каматните приходи се повисоки за 15,5% во однос на истиот период претходната година. Приходите од камати се зголемени за 2,0%, во најголем дел поради зголемување на кредитното протфолио кај сегментот население, подобрување на квалитетот на кредитното протфолио и повисок износ на наплатени претходно отпишани камати. Расходите од камати се пониски за 13,6% што се должи на намалување на каматните стапки на депозитите соодветно на пазарните услови, пониски состојби на депозити од банки и обврски по кредити.
Нето приходите од провизии се зголемени за 5,0%. Приходите од провизии се зголемени за 7,0% како резултат на зголемување на обемот на работа што резултираше со остварени повисоки приходи од домашниот платен промет, од картичното работење и од услугите преку деловната мрежа на Банката.
Расходите за провизии се повисоки за 13,6%, главно поради повисоки расходи од картично работење, од кеш центарот и домашниот платен промет, при пониски расходи по провизии за обврските по кредитните линии.
Останатите некаматни приходи изнесуваат 54.7 милиони денари и се пониски за 51,4% во однос на претходната година, поради повеќе пресметани резервации за вонбилансна изложеност во однос на истиот период од минатата година.
Вкупните приходи од работење изнесуваат 773 милиони денари и се пониски за 2,6%. Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 406 милиони денари и се повисоки за 10,1%, информираа од НЛБ Тутунска банка во неревидираниот извештај доставен до Македонската берза.
Слично
