НЛБ Нов пензиски фонд: За присуство на пензиските фондови на домашниот пазар на капитал се потребни промени!
До крајот на 2013 година, двете друштва кои ги водат двата приватни задолжителни пензиски фонда чуваат само 3,6 отсто од средствата во домашни првокласни акции. Ова во интервју за Фактор неодамна го изјави Булент Дервиши, претседател на Советот на експерти на МАПАС. Фактор ги праша двете друштва зошто овој процент е толку низок и дали постои можност пензиските фондови да го зголемат присуството на домашниот пазар на капитал. Коста Ивановски, управувач со портфолија во НЛБ Нов пензиски фонд вели дека за поголемо присуство на пензиските фондови на домашниот пазар на капитал, потребни се квалитативни и квантитативни подобрувања.
Фактор: Дали планирате да го зголемите инвестирањето во македонски акции?
Ивановски: При структуирањето и управувањето со средствата на фондовите, од примарно значење се интересите на членовите и пензионираните членови на фондовите, па оттука овие процеси секогаш се одвиваат на начин кој обезбедува диверзификација и сигурност на вложувањата.
Планирањето на инвестициите во Македонија е условено од можностите за инвестирање. Со оглед на големината на задолжителните пензиски фондови и динамиката на нивниот раст, јазот помеѓу потенцијалот на фондовите и можностите што ги нуди домашниот пазар на капитал станува се поизразен. Факт е дека со задолжителната котација се зголеми бројот на компании чии акции ги задоволуваат пропишаните критериуми за инвестирање.
Но, сепак, селекцијата според законските критериуми значи само утврдување на иницијалната можност, која значајно се стеснува во постапката на анализа врз основа на редица критериуми кои во преден план ги имаат финансиските резултати, перспективите на бизнисот на компанијата, квалитетот на средствата, квалитетот на менаџментот, ликвидноста на акциите на Македонската берза, структурата на акционери и, според нас особено важно, степенот на корпоративно управување и заштита на интересите на малцинските акционери. Малубројни се компаниите котирани на Македонската берза кои според квалитетот на корпоративното управување би добиле високи оценки.
Фактор: Зошто нивото на досегашно инвестирање е значајно пониско од лимитите што ви се овозможени со законската регулатива?
Ивановски: Причините за релативно ниското учество на инвестициите во домашни акции во портфолиото на задолжителниот пензиски фонд би можеле да ги лоцираме главно во:
- Неадекватната позиција на малцинските акционери меѓу кои се вбројуваат и пензиските фондови, од аспект на нивната можност за влијание на одлучувањето во компаниите.
- Недоследностите во процесите на преземање на акционерски друштва.
- Иако подобрена во некои случаи, сепак недоволна транспарентност и несоодветен квалитет на известувањата кај поголемиот број котирани компании.
- Наклонетост на менаџментот кон интересите на мнозинскиот акционер, но не нужно и кон интересите на малцинските акционери.
- Мала, а во некои случаи и никаква ликвидност на повеќето котирани компании. Со тоа и можностите за купување, а уште повеќе можностите за продажба на позначајни позиции кај повеќето компании се многу ограничени.
- Подобри перспективи и принос прилагоден за ризик што ги нудат останатите инвестициски можности кои им се на располагање на пензиските фондови.
Покрај надминувањето на посочените проблеми, за излез од таквата матрица на состојби поволно влијание би имала појавата на нови компании, кои во пазарот на капитал би препознале можност за финансирање на своите добри идеи, а профитот од успешна реализација на тие идеи би бил соодветно награден преку раст на цените на акциите или исплата на дивиденда. Дополнително, потребно е воведување на практики кои ќе ги доближат интересите на менаџментот со оние на малцинските акционери. На пример, во развиените пазари на капитал се практикува дефинирање на платата или бонусот на менаџерите според вредноста на акциите, како и награда во форма на опции за купување на акции по одредена цена.
Фактор: Кои се главните причини заради кои досега инвестиравте толку колку што инвестиравте во македонски првокласни акции?
Ивановски: Развојот на домашниот пазар на капитал треба да е во интерес и на компаниите. За пензиските фондови би се отвориле поголеми можности за насочување на акумулираните средства на идните пензионери во домашната економија, а дополнително, доброто корпоративно управување би можело да придонесе за зголемена ликвидност преку привлекување и на други портфолио инвеститори.
Фактор: Дали има корпоративни практики кои би требало да ги применуваат нашите менаџерски тимови за да тие компании ја придобијат вашата доверба?
Ивановски: Би сакале особено да ја истакнеме активната позиција на НЛБ Нов пензиски фонд во функција на заштита на интересите на членовите на фондовите со кои управува. Преку учеството и работата на акционерски собранија, повремените состаноци со менаџментот на компаниите, писмени барања за појаснување на финансиските извештаи, како и судски постапки кон компаниите поврзани со заштита на правата на акционерите, НЛБ Нов пензиски фонд придонесува за подобрување на овие состојби. Нашите практики во одредени ситуации довеле до подобрување на корпоративното управување кај некои компании, но во отсуство на поголема и суштинска контрола од институциите, не може да се очекуваат позначајни подобрувања.
КБ ПРВО ПЕНЗИСКО: Нивото на вложувања во македонски акции е соодветно на условите!
Р.Ф.
Слично
