КАТЕРИНА БЛАЖЕВСКА: Низ катодната цевка не смеат да течат партиски плотуни!
Јавниот сервис МРТВ мора да ја врати улогата што му припаѓа. Отворање на втор “опозициски“ ТВ канал е опасно решение кое само ќе ја легализира партизацијата на јавниот сервис. Решението за професионализација лежи само во деполитизација – смета новинарката Катрениа Блажевска, која во 1994 година започнува да ја води својата емисија на Радио Скопје.
МТВ – јавен или партиски сервис?
Фактор: Слободата на медиумите – реформа на МТВ – како дел од Договорот во Пржино. Се смета дека ова ќе биде едно од потешките прашања за кои ќе мора да се постигне договор. Каков формат и содржина на јавниотс сервис очекувате дека ќе биде договорен ?
Блажевска: Очекувам целосно да се врати улогата што еден јавен сервис треба да ја има во општеството. Се знае која е таа. Оние кои јавниот интерес досега го изедначуваа со интересот на владејачката партија/партии, ќе мора да се соочат со разликата. Се разбира, таа е огромна.
Фактор:Се појави и шпекулативен предлог за формирање на втор “опозициски ТВ канал “ на јавниот сервис. Дали ова може да биде решение за балансирано известување?
Блажевска: Во една колумна уште пред неколку месеци децидно го искажав мојот став за ваквите евентуални планови. Тоа никако не смее да се случи. Низ катодната цевка не смеат да течат партиски плотуни од различни провиниенции, како резултат на некаква „рамноправна“ меѓупартиска поделба на каналите. Тоа е опасно решение, бидејќи преку него неповратно ќе се легализира досегашната партиска узурпација на јавниот сервис и тој засекогаш ќе биде осуден да функционира единствено и исклучиво како (повеќе) партиски, но никогаш како јавен сервис. Доколку некој има вакви идеи, треба што поскоро да ги заборави. Јавниот интерес на граѓаните кој треба да биде рефлектиран и алиментиран преку програмите на МРТВ, не може програмски да се сегментира според партиски профилации.
Фактор:Во услови на голема финансиска зависност на јавниот сервис од власта, дали може да зборуваме за “политичка“ независност? Како Јавниот сервис може да се одлепи од етикетата на “пропагандна машинерија“?
Блажевска: Може да се одлепи од таа етикета, со тоа што прво ќе се спречи обидот да биде партиски парцелизиран по канали, по хоризонтала и вертикала. Се понатаму е работа на одговорно и професионално работење, на кое во фокусот ќе му биде јавниот интерес, а не примарно партискиот. Досега зависноста повеќе беше резултат на коктел од притисоци, автоцензура и отсуство на професионални стандарди во работата, отколку на некакви финансиски причини. Ако се договори фиксна ставка за МРТВ во државниот буџет, која нема да зависи од промената на властите, тоа во континуитет ќе гарантира непречено тековно функционирање на јавниот сервис. Тоа ќе им ги одземе и алибито на сите оние кои се обидуваат да наметнат лажен впечаток дека поради нестабилни финансии страда квалитетот на програмските содржини. Објективноста не зависи од пари. Ниту некогаш зависела.
Слично
