Ниту посета на Попоски во Солун не ветува ништо ново во спорот околу името
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во Солун учествуваше на министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан, организиран од грчкото претседателство со ЕУ и една од ретките можности за директни контакти меѓу македонски и грчки претставници.
Сепак, Попоски немаше директна тет-а-тет средба со неговиот грчки колега Евангелос Венизелос. Состанокот во Солун воглавно беше посветен на 11. годишнината од Солунската агенда и проширувањето, па македонскиот министер ја искористил можноста да упати порака за македонските евроинтеграции и за застојот директно да ја обвини Атина.
„Упативме признание и до Европската комисија која и покрај сериозен политички притисок опстои пет години во нејзината објективна оценка дека Република Македонија ги има исполнето сите критериуми за почеток на преговорите и сметаме дека само на тој начин можеме да ја засилиме европската агенда која исто така е неопходна и за земјите кои се кандидати и за земјите кои се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион... Спротивно на декларативните изјави, наместо силно да ја поддржи интеграцијата на земјава, Грција веќе 5 години ја блокира“, рече Попоски.
Грчкиот министер за надворешни работи Венизелос на Македонија се осврна кратко, на пресконференцијата по министерскиот состанок. Тој нагласи дека грчките позиции во спорот околу името се познати и дека Атина чека соодветен одговор од Скопје.
„Немавме билатерален состанок со Попоски, имавме кратки дискусии а претставниците на двете земји се сретнаа во Њујорк со медијаторот Нимиц и веруваме дека ова е релевантната процедура. Грчките позиции се познати, ние сме конструктивни и очекуваме ист одговор. Мораме да видиме конкретни чекори од нашата соседна земја, во поглед на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и Мартовскиот договор за дијалогот на партиите“, рече Венизелос.
Државите-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Грција, на состанокот во Солун ја потврдија европската перспектива на земјите од Западен Балкан, исто како пред 11 години во овој град кога беше донесена Солунската агенда, но со услов за целосно почитување на критериумите од Копенхаген и добрососедските односи.
Слично
