Ниту инспекторите, ниту угостителите знаат како ќе ги легитимираат граѓаните дали се вакцинирани
Ниту Државниот пазарен инспекторат, ниту угостителите знаат како ќе ги легитимираат граѓаните дали се вакцинирани или не од 16 август, по донесената одлука на Владата во саботата вечерта.
Единствено е познато дека „се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан“.
Директорката на Државниот пазарен инспекторат вели дека оваа институција располага само со 180 инспектори, а се чекаат инструкции за тоа како ќе ги контролираат редарите.
- Инспекторите ја немаат таа надлежност да легитимираат гости дали имаат таков сертификат, рече Анета Симеска Димоска во својата последна изјава.
Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски вели дека ова е бесмислена одлука која ги крши човековите права. Тој вели дека земјава нема закони за редари да смеат да бараат ковид сертификати за влез во угостителски објект.
- Мерка која ограничува повеќе човекови права без никаква оправданост без никаква можност за спроведливост на истата. Комисијата за заразни болести ја донела оваа мерка без правно да се консултира. Невозможно е секој угостителски објект да обезбеди редарска служба заради контрола на приложување на доказ за вакцинација. Ниту редарите ниту вработените имаат право да вршат идентификација согласно постојните законски прописи, смета Јосифовски.
Угостителскиот сектор вчера се состана со минисртерот за економија Крешник Бектеши по рестриктивните мерки и ограничувањата што Владата синоќа ги воведе на седница. Бектеши состанокот го опиша како конструктивен со претставници од сите видови на угостителски објекти
- Убеден сум дека преку вакви состаноци ќе ги поттикнеме нашите граѓани да се вакцинираат и да се вратиме на еден нормалитет со почитување на сите протоколи и угостителите да не бидат тие што можат да инфицираат други луѓе како гости, рече Бектеши.
Угостителите изминатиот период беа едни од најпогодените во стопанството, а голем број на вработени беа отпуштени во оваа стопанска гранка.A.K.
