Ниту едните апсат ниту другите коригираат - Што донесе судирот за пола мандат на Владата
По две години власт и половина потрошен мандат на новата Влада, од клучната дебата меѓу власта и опозицијата може да се издвои истата слика која се повторува од изборите во 2024 година, односно ниту едните апсат ниту другите се квалитетен опозициски коректив. Собранискиот дуел целосно го презедоа премиерот Христијан Мицкоски и опозиционерот Венко Филипче, но наместо судир на политики видовме една бледа верзија на дневно партиска прес-конференција.
Нивото на политичка култура одамна е спуштено доле, па кога ваквите дуели ќе поминат без многу ниски навреди и деструкција тоа се смета дури и за „квалитетна” дискусија во највисокиот дом на демократијата во Македонија.
Собраниска говорница како партиска прес-конференција
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како што кажа сам чувствува одговорност, но само затоа што досега поранешните функционери и дел од сегашните опозиционери не се уапсени за да одговараат за нивните криминали. Венко Филипче лидерот на СДСМ му возврати дека тој е опседнат со сликање на поранешни функционери „голи” по плажите.
Тоа е сублимат на судирот на визиите меѓу премиерот и лидерот на македонската опозиција, во време кога Европа сѐ посилно се подготвува за можна војна, кога се води економска и трговска војна против европските земји и кога се врши сериозен напад врз европскиот систем на вредности.
Додуша, Филипче го обвини Мицкоски дека ја води земјата кон изолација поради блокираните европски интеграции иако и сам паѓа во замката да биде доживуван како „адвокат на Бугарија“ со застапувањето на ставот за прифаќање на уставните измени без дополнителни гаранции.
Но, тука не чувме ништо ново или креативно, ниту пак опозицијата упати критики за надворешните позиции на Македонија во однос на регионалните прашања и предизвици, војните на Блискиот Исток и Украина и односите со сојузниците.
Мицкоски иако на повеќето напади одговори со пофалби за успесите во инфраструктурата и економијата, повторно се однесува како тој да е во опозиција, а не дека во рацете ја има апсолутната власт. Театралните изјави дека тие што уживаат на јахти на Егејот и на приватни забави во Дубаи треба да завршат зад решетки веќе се излитени и очаен изговор за слабите или речиси непостоечките резултати во борбата со корупцијата, злоупотребата на службената положба и организираниот криминал, што впрочем беше нотирано и од извештајот на Европскиот парламент.
Погледнете ги некогаш дебатите меѓу премиерот и лидерот на опозицијата на пример во британскиот, италијанскиот или шпанскиот парламент со жарот, политичкиот сенс, нивото на дебата и ораторски способности и споредете ги со нашите политичари, и можеби ќе сфатите зошто сме таму каде што сме.
Ма какви предвремени избори, какви бакрачи
Интересно е што во овој судир практично и да не се вклучија останатите опозициски партии, кои можеа да наметнат покреативни теми за притисок врз владата и отворање на дискусии за критични прашања како што е можноста за отворање на спорните рудници во земјоделски и еколошки краеви, опасностите од изградба на дата центри, недостигот на домашни стратешки енергетски проекти и геополитичкото позиционирање на земјата.
Затоа и овој дуел кој можеше да предизвика политичка криза и отворање пат кон предвремени парламентарни избори, покажа дека имаме своевидна симбиоза меѓу власта и опозицијата. Додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува комотно да владее, без сериозна критика и алтернатива на јавни политики и корекција на одлуките, просторот на СДСМ како некреативна опозиција и натаму не успева некој да го пополни. Левица практично се „испука“ со интерпелацијата против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и не влезе во пожесток дуел со премиерот и министрите на своевидниот отчет за сработеното во половина од владиниот мандат.
Ова статус кво на политичката сцена некако совршено се поклопува со граѓанската апатија и недостигот на акција во политичкиот простор. Додека критиките, незадоволството и барањата за промени или интервенции во политиките се водат пред се преку социјалните мрежи, недостига квалитетен политички дискурс кој може тие идеи да ги реализира на дело преку институциите и каналите на одлучување.
Х.С.