Ниту една независна проверка досега на точноста на броилата за електрична енергија
Лани по осум години откако го набави, Бирото за метрологија требаше да го пушти во употреба државниот еталон за проверка на точноста на електричните броила, а ниту едно лице во текот на минатата година не побарало независна проверка дали неговиот струјомер реално ја мери потрошувачката на струја.
Софистицираната опрема за тестирање и верификација на броила повеќе од 7 години стоеше неискористена во просториите на Бирото за метрологија, а дури лани беше објавено дека ќе биде ставен во функција. Независната државна лабораторија не беше пуштена во употреба, бидејќи се чекаше завршување на судскиот спор со добавувачот од јавната набавка.
Единствено досега Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во првата половина од ноември лани на настан информираше дека наскоро во Бирото за метрологија ќе биде ставена во функција современата опрема и дека со тоа „граѓаните ќе добијат можност за независна државна проверка на исправноста на своите броила, директно во институција под надлежност на државата, што ќе придонесе за зголемена транспарентност, доверба и правичност во мерењето и наплатата на потрошената енергија“.
На испратеното прашање од „Фактор“ до Бирото за метрологија, дали има отстапувања во испитувањето на струјомерите, ни беше одговорено дека досега не било направено ниту едно тестирање.
- Во Бирото за метрологија нема поднесено барања за испитување на исправност на мерила од потрошувач. Со оглед дека нема барања од клиенти, не располагаме со резултати, гласи одговорот од Бирото за метрологија.Доскорешниот директор на оваа државна институција Седад Рушани претходно за медиумите изјави дека опремата ќе работи така што ако некој граѓанин има сомнеж ќе треба самиот да поднесе барање за проверка и евентуално да плати за тоа.
„Видете, доколку мерачот излезе дека е во ред, тогаш плаќа тој што доставил барање, во случајов граѓаните, доколку излезе дека е неточен, тогаш плаќа ЕВН“, рече Рушани.
Беше кажано дека постапката за проверка дали струјомерот брои точно, следува откако граѓанинот ќе достави пријава за проверка и тогаш екипа на ЕВН Дистрибуција со претставник од Бирото излегуваат на терен, го земаат броилото и го носат на проверка. во Бирото за проверка од тамошните обучени вработени.
Со ставањето во употреба на оваа опрема, крајната цел, освен верификација на мерилата, е и да се испитува исправноста на мерилата по жалба на потрошувач Со оваа мерка, граѓаните треба да добијат можност за независна проверка на исправноста на своите броила, директно во државна институција. Ова ќе овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да се провери со прецизни и официјални мерења, при што граѓаните треба да добијат одговор за состојбата на нивниот инструмент. Истовремено, ова ќе претставува дополнителен механизам на контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што, како што бепе најавено, треба да се обезбеди поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и да се намалат можностите за неправилности.
А.К.
