Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нина Нинеска Фиданоска, Утрински Весник: Буџетот ја разбуди опозицијата!

Нина Нинеска Фиданоска, Утрински Весник: Буџетот ја разбуди опозицијата!
Опозицијата покажа дека навистина постои. Тоа е факт што веќе не може да се негира после сите случувања поврзани со буџетот во Собранието. Ако досега граѓаните кои не се согласуваат со политиките на оваа Влада се чувствуваа изневерени од опозиционерите, критикувајќи ги за нивната млака и салонска реакција на агресивното и бескомпромисно однесување во владејачкиот камп, сметам дека во моментов немаат аргументи за таа разочараност. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ сега е сигурно многу повеќе свесна отколку што беше пред десетина дена дека не може до бесконечност да ги игнорира барањата и потребите на оние што не се нејзини членови и поддржувачи, и оние што од неа имаат поинакво мислење. Од она што можам да го видам во Парламентот, мој впечаток е дека опозицијата е убедена оти постапува правилно и дека нема алтернатива нивниот обид да ја принудат Владата да ги скрати непродуктивните трошоци од националната каса.Настапите на социјалдемократите зборуваат за нивната увереност оти сегашнава гарнитура умее да владее единствено кога за тоа има силна финансиска логистика, но дека сега таа се обезбедува на сметка на опасно задолжување на државата и на граѓаните на Македонија, па тие се решени тој тренд да го прекинат. Сметам дека ако сега отстапат и прифатат било каков владин предлог што би значел помало сечење на буџетот макар и за евро од оние 205 милиони на кои инсистираат, тоа за нив би бил политички погубен чекор и студен туш за оној дел од популацијата кој е на нивна страна. Воопшто нема да биде катастрофа од планетарни размери како што тоа деновиве ни го сервираат од оние „спонтани“ протести на социјалци, земјоделци, студенти и уметници, кои патетично повикуваат буџетот да се донесе и изгледаат сосема невередостојно и смешно, бидејќи ќе останеле без своите надоместоци или плати. Интересно ќе биде да се види како министерот Зоран Ставрески очекува државната каса да се усвои навреме, а од друга страна опозицијата тврди дека тоа нема да го дозволи без да се прифати нивниот план за штедење. Но, мое мислење е дека Владата е многу повеќе загрижена да не остане без странската кредитна инфузија на која се надева и планира да ја реализира веќе на стартот на 2013година. Ова од причина што е јасно дека буџетското полнење преку даноци оди тешко и така ќе продолжи и во следните месеци, што значи дека поголемото трошење што таа го планира, односно буџетскиот дефицит, веќе нема да може да се финансира.Веројатно доволна аргументација за тоа е ургентното и ненајавено задолжување кај домашните банки за 100 милиони евра, што предизвика жестоки реакции кај опозицијата, која препозна дека со овој потег владините намери се целосно демаскирани. Нина Нинеска-Фиданоска, новинар во Утрински весник Фактор ќе ви ги претстави различните мислења на дел од македонските новинари во однос на случувањата околу Буџетот. За Фактор, пишуваат новинарските пера од повеќе македонски медиуми, секој со свој став за она што деновиве се случува во Собранието. Разноликоста на перцепциите и предвидувањата носат интересен поглед, а можеби и интересни солуции за излез од пат позицијата во која заглавија власта и опозицијата. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската дебата.  
Слично

Поврзани вести