Нина Ангеловска: Започна донирањето во солидарниот Фонд на Владата, може да има имиња и презимиња
Нина Ангеловска, министерката за финансии, рече дека е активирана донаторската сметка на Владата за солидарен Фонд во борбата против Ковид-19, покрај оној кој веќе го користи Министерството за здравство, и дека веќе се уплатени првите донации. Таа рече дека овој фонд воедно е и отворен повик до крупните бизнисмени повеќе да помогнат во кризата.
- Имаме компании кои во овој период растат и растат. Имаме поединци и компании кои што може да придонесат. Вчера имаше предлог да ги објавиме со име и презиме тие што се солидарни. Може ќе го прифатиме тој предлог за да покажеме кои се тие што помагаат, рече Ангеловска.
Таа дополни дека минималната плата која ќе ја добие за месец април ќе ја донира во истиот овој солидарен фонд.
Со Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство се разговарало за можноста да се отстранат условите од уредбите за помош на загрозените дејност во кои се бара едно претпријатие да нема плати поголеми од 40.000 илјади, како и да може истовремено да да се користат двете субвенции - оние за придонеси заради зголемување на платите и оние за минимална плата од 14.500 додека трае вонредната ситуација.
Крешник Бектеши, министерот за економија, рече дека очекува од Групацијата на угостители до понеделник да достави предлози за користењето на средства од намеснкиот Фонд за туризам.
- Имавме конструктивен дијалог во делот на измените на уредбите кои ги донесе Владата за тоа како пред се да ги задржима нашите вработени. Ќе испратиме конретни предлози за минималната бруто плата во понеделник или вторник. Воедно бараме и толкување за законот за виша сила заради даночните ослободувања, изјави Ангеловски пред медиумите.
Министерката Ангеловска додаде и дека се разговара на долг рок за олабавување на забраните за угостителите, тие наскоро да почнат да работат со помал капацитет и со соодветна заштитна опрема.
