Нина Ангеловска: За К-15 на администрацијата ќе има 200 милиони денари
Нина Ангеловска, министерката за финансии, рече дека администрацијата ќе добие 200 милиони денари за исплата на регрес, откако вчера на владина седница беше решено да се одобри исплата на К-15 за Гранскиот колективен договор.
Според одлуката, регресот ќе им следува на органиите на државната управа, односно на стручните служби во Владата, кај судовите, јавните обвинителства, казнено - поправни и воспитно - поправни установи, на државното правобранителство, на единиците на локалната самоуправа, агенции, фондови и центри за социјални работи и други органи основани од Собранието.
- Се работи за 20.000 вработени административци . Фер и недискриминирачки, според Уставот, е да ова право го имаат сите вработени во нашата земја. Во однос на фискалните ефекти, отприлика вкупниот износ ќе изнесува 200.000 милиони денари.. Меѓутоа, за повеќе детали треба да се обратите кај министерот за информатичко општество и администрација, кое ќе биде потписник со синдикатите. Буџетските корисници во однос на своите буџети понатаму ќе треба да си ги распределат овие средства за да може да ги исплатат, рече денеска Ангеловска.
Владата синоќа го овласти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да го потпише Гранскиот колективен договор со репрезентативниот синдикат УПОЗ. Ова ќе биде прв Грански колективен договор за административните службеници и правосудните органи после 1995 година, со кој администрацијата се стекнува со право на К-15, дневници за трошоците за превоз и трошоците за ноќевање за службени патувања во земјата на кои до сега немаа право, се утврдува право на денови на платено отсуство заради лични и семејни околности и тоа до седум работни дена во годината, правото на неплатено отсуство, како и други права на работниците и обврски на работодавачите.
