Нимиц: Сакам да дојдам во Скопје и Атина на лето
Медијаторот Метју Нимиц ја заврши новата рунда разговори во Њујорк со македонскиот и грчкиот претставник во разговорите за разликите околу името - Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, со кои посебно разговарале за изборните процеси во двете земји и за можностите тие да влијаат врз деценискиот спор меѓу двете држави.
Нимиц предложил да го посети регионот летово, откако ќе завршат изборните процеси и во Македонија и во Грција, најверојатно на почетокот на јули.
„Мислам дека по изборите двете влади треба да му дадат зголемено внимание на ова прашање кое трае долго време. Има силни причини за да видиме дали можеме да направиме напредок и ќе работиме на тоа ова лето“, изјави Нимиц предмалку во Њујорк.
Тој не открива дали во Скопје и Атина ќе дојде со нов предлог за надминување на спорот, но нагласува оти „не е корисно да се прават нови предлози многу често, освен ако нема некое посериозно придвижување во процесот“.
„Целта е да се постигне заемно прифатливо решение за името и досега во тоа не сме успеале. Во сите преговори најважни се ставовите на двете инволвирани земји. Медијаторот и трети страни можат да направат нешто, но конечно Атина и Скопје ќе треба да најдат решение“, вели Нимиц.
Медијаторот нагласи дека со оглед на ситуацијата во светот и зголемениот интерес за зголемување на безбедноста во светски рамки, двете Влади мора да се посветат повеќе на надминување на ова прашање, да понудат нови размислувања, нов пристап кон проблемот со кој би се дошло до решение.
Слично
