Нимиц нема нов предлог за името
Посредникот во македонско-грчкиот спор за разликата околу името Метју Нимиц не изнел нов предлог на денешната средба со претставниците на двете земји во разговорите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис.
По средбата во Њујорк, Нимиц нагласи дека се разговарало за стари идеи, но оти се работи за многу тешко прашање и напредок засега нема.
„Знаеме дека ова е многу тешко прашање. Денес немаше постигнат напредок но решени сме да ги продолжиме разговорите во следните месеци. Разговаравме за некои идеи од минатото, до која мера би можеле да успеат а до која треба дополнително да се средат“, рече Нимиц.
Притоа тој не прецизираше кои стари идеи се нашле на маса. Последната идеја што ја изнесе медијаторот лани беше Горна Република Македонија.
На денешната средба македонската страна побарала интензивирање на разговорите меѓу Скопје и Атина и контакти на високо ниво меѓу двете страни. Според Нимиц, интерес за решавање на спорот покажала и Европската унија, затоа што спорот влијае на проширувањето на ЕУ.
„Двете соседни земји ќе мора да живеат заедно и да научат да се прилагодат на потешкотиите кои се случуваат кога историските народи поинаку гледаат на историјата“, нагласи медијаторот.
Тој вчера имаше одвоени средби со Наумовски и Василакис, а денеска ги седна на иста маса, на заедничка средба, но без поголем успех.
Слично
