Нимиц дојде без конкретен предлог, ама со идеи во главата
Посредникот во македонско-грчкиот спор околу името Метју Нимиц попладнево пристигна во Скопје, во рамките на новата рунда разговори за разликите околу името што ја иницира.
Официјалните средби на Нимиц со македонскиот државен врв се закажани за утре, додека денеска се очекува тој да се запознае со новиот македонски преговарач Васко Наумовски и да оствари првични неформални контакти.
„Немам нов предлог, но ги имам сите работи во мојата глава“, изјави Нимиц веднаш по пристигнувањето во Скопје.
„Господинот Нимиц ќе оствари средба со Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со претседателот на Владата Никола Груевски, и со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, како и со претставникот на Република Македонија во процесот на преговори, Васко Наумовски.Изјава за медиумите е предвидена во Владата на Република Македонија на крајот на работната посета“, соопштија од македонското МНР.
По средбите со македонскиот државен врв утре, Нимиц ќе отпатува и за Атина, каде е предвидено да се сретне со грчките претставници.
Од неговиот кабинет претходно соопштија дека целта на посетата на Нимиц во регионот е да заживеат разговорите и да се најде заемно прифатливо решение во спорот околу името.
Слично
