Нимиц доаѓа по изборите, решение за спорот сèуште нема
Околу два часа траеше средбата во Њујорк денеска на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на Македонија и на Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
По средбата, Нимиц нагласи дека сèуште нема решение за деценискиот спор меѓу двете земји, но додаде и дека кај двете страни има интерес да се забрза решението на спорот.
Медијаторот најави дека по изборите има намера да го посети регионот.
„Нема конкретни резултати од средбата. Имаше искрени и динамични разговори. Двете страни се согласија разговорите да се интензивираат. Страните се задоволни со овој формат на разговори, можно е да организираме нова ваква средба во мај, како и јас подоцна да го посетам регионот. Свесен сум дека во тек се избори и избегнувам ситуација, која би можела да го влоши проблемот“, изјави Нимиц.
По изборите во Македонија, и Грција одржува избори за Европскиот парламент на крајот на мај. Затоа се очекува следната средба во Њујорк да биде пред грчките избори, а потоа посетата на Нимиц на Македонија и на Грција да следи откако во двете земји ќе завршат изборните циклуси.
Слично
