Економија, финансии, бизнис

Контакт

Николовски тврди дека ревизорите пронашле многу неправилности во МЗШВ

Николовски тврди дека ревизорите пронашле многу неправилности во МЗШВ

Извештајот на Државниот ревизор на 65 страни, ја констатира погрешната, криминална политика во земјоделството, кажа на денешната прес-конференција Љупчо Николовски, член на Извршен одбор на СДСМ.

Тврди дека во делот на управувањето со земјоделското земјиште ревизорите констатирале дека иако постои изработен софтвер, не се води ажуриран земјишен регистар.

„Нема соодветното следење на наплатата за закуп на земјиште и не се евидентирани значаен дел од склучените договори за закуп на земјоделско земјиште. Дел од избраните понудувачи не доставиле банкарски гаранции додека не се обезбедени условите за користење на веб апликацијата за електронско јавно надавање. Се констатира дека на огласите се бараат документи кои не се наведени во закон и документи коишто треба државата да ги обезбеди по службена должност без дополнителни оптеретувања на апликантите. Сето ова отвора простор за злоупотреби, што ги покажавме кога бевме во МЗШВ. Се доделувала земја на блиски до фамилијата додека вистинските земјоделци се оставени без земјиште“ - рече Николовски.

Објаснува дека на јавен оглас се објавуваат површини под вода, спортски игралишта и веќе изградени објекти, а  одредени површини не може да се стават во владение поради тоа што противправно се обработуваат од други лица, а за тоа не се врши инспекциски надзор.

Според него, за следењето и наплатата на закупнината ревизорите пишуваат дека не постои унифицирана евиденција во секоја подрачна единица на министерството.

Ревизорите забележуваат дека побарувањата по основ на закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост сметководствено не се евидентираат во ниту еден надлежен орган, вели Николовски.

Слично

Поврзани вести