Николовски и МЗШВ се „препукуваат“ за „јапонската помош“
Дополнителниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски во соопштение вели дека повеќе од една недела актуелниот министер, Михаил Цветков и аболицираниот министер Љупчо Димовски се кријат од јавноста за скандалот со злоупотребите на парите од „јапонската помош“ и за договорот со Фактор Консалтинг.
Николовски бара Владата веднаш да издвои средства за покривање на загубите во Јапонскиот фонд, а со тоа и овозможување на користење на овие неповратни средства.
„Министерството преку соопштение потврди дека е формирана комисија. Токму тааа комисија во извештај доставен до министерот констатира дека од сметката на компензацискиот фонд повлечени се стотици илјади евра без покритие. Значи не дополнителниот заменик министер, туку тоа го констатирала Комисијата формирана од актуелниот министер Цветков. Нема правдање дека таков извештај постои и е доставен до министерот“ - се вели во соопштението.
Се наведува дека дополнителниот министер Николовски презентира нови докази од кои се гледа дека од 2011 до 2016 година во фондот се наплатени 50.714.186 денари.
„Согласно договорот кој беше доставен до јавноста, Фактор Консалтинг покрај месечниот паушал ќе наплати и износ од 4.5 % од вкупно наплатениот износ на средства во фондот. Согласно овие официјални податоци тој износ е 2.282.138 денари. Но, од сметката на Јапонскиот фонд се исплатени 6 пати повеќе пари или точно 12.402.378 милони денари“- пишува во соопштението.
Министерствотото за земјоделство, шумарство и водостопанство ги отфрла денешните обвинувања на Николовски. МЗШВ потсетува дека министерот Михаил Цветков веднаш по стапувањето на должност формираше посебна комисија за „јапонската помош“.
„Бидејќи се работи за обемен материјал, а имајќи предвид дека средствата за „јапонската помош“ се реализирани преку неколку јавни повици, почнувајќи од 1997 година, потребен е подолг период за прибирање валидна документација. Комисијата е при крај со работата, што значи дека наскоро ќе се има целосен увид во документацијата, по што и ќе ги објавиме официјалните информации“ - стои во реакцијата од МЗШВ.
Додаваат дека најголемите злоупотреби на „јапонската помош“ се направени во периодот 2002-2004 година, кога министер за земјоделство бил Славко Петров од СДСМ.
