Николоски со нови информации за железницата, а кои произлегуваат од соработката со Велика Британија
Владата на вчерашната 114 редовна седница ја разгледа и усвои информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство Кросрејл Интернешнал Лимитед (Crossrail International Limited (CIL), информираше министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, споделувајќи го и соопштението од Владата.
„Со овој Договор за соработка се воспоставува рамка со која страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и товарен железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој Договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти“, велат од Влада.
