Николиќ вели достигната е црвената линија со Албанците од Косово
Српскиот претседател, Томислав Николиќ вели дека премногу отстапки се направени со Албанците на Косово и мора да има граница, по најновите случувања околу рудникот Трепча.
„Она што го прават Албанците на Косово со рударскиот комбинат Трепча и со Телеком е грабеж, узурпирање. Со тоа не се согласуваме“ - изјави Николиќ за весникот „Блиц“.
Николиќ смета дека е достигната „црвената линија“, поради што властите во Приштина, но и ЕУ, треба да испратат јасна порака.
„Веќе премногу им отстапивме на косовските Албанци. Некаде мора да се стави граница. Затоа не смееме да правиме отстапки кога станува збор за продажба на Трепча, ниту за имотот на Телеком“ - додава Николиќ.
Владата во Белград денеска ќе одржи седница на која се очекува државното раководство да заземе позиција за дејствувањето на земјата во случајот со Трепча и договорот за телекомуникациите, по што премиерот Александар Вучиќ ќе одржи прес-конференција.
Српската Влада испрати писмо во Брисел во кое се објаснети сите штетни последици од одлуката на косовскиот Парламент за Трепча. Тоа е првиот чекор, кој е направен во рамки на употребата на сите правни, политички средства и демократски, парламентарни и вонпарламентарни методи на борба, со цел Србија да ја заштити својата сопственост на Косово, наведува весникот „Политика“.
Mинистрите на Српската листа деновиве одлучија да го замрзнат учеството во работата во владата на Косово, поради усвојување на законот за рудникот Трепча
