Никола Попоски: Со влезот во ЕУ нема да ни тече мед и млеко!
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, на дебата утринава кажа дека никој нема повеќе илузии дека Европската унија ќе ги реши сите проблеми и дека со влезот во ЕУ ќе тече мед и млеко.
Попоски смета дека членството нема да ни ги реши домашните проблеми, иако го поздрави скорешното членство на Хрватска велејќи дека Македонија отсега доби голем сојузник во Унијата. Исто така, Попоски смета дека кога Македонија ќе влезе можно е да има големи протести какви што имаше во Загреб годинава.
„За земјите од регионот значаен факт е што добивме еден глас плус. Во ЕУ ќе има една земја повеќе од регионов која ги разбира предизвиците тука, знае низ што минуваме бидејќи и самата минала по сличен пат. Тоа за Македонија може да биде само плус“, рече Попоски.
Тој направи и паралела на хрватското искуство со специфичните предизвици и препреки на Македонија во евроинтеграциите кои подразбираат сериозни реформи на општеството.
„Секој смета дека неговата планина му тежи најмногу и дека неговиот пат е потежок од оној на другиот. Тоа оспорување на предлогот кој го заслужи Македонија не е само предизвик за РМ бидејќи локално можеме да продолжиме со сите напори кои ги правиме како кога би преговарале, затоа што сите резултати остануваат за нас. Она што е проблематично е дека оние правила кои ЕУ сама ги фиксирала повеќе пати биле прекршени врз грбот на Македонија“, рече Попоски.
На денешната дебата во Министерството за надворешни работи насловена како „Пристапувањето на Хрватска во ЕУ-перспективите на македонско-хрватските односи“, збор зедоа и евроамбасадорот Аиво Орав и Златко Крамариќ, амбасадор на Хрватска во Македонија.
За Аиво Орав е очигледно дека расте евроскептиицзмот на Балканот, но тој е оптимист и вели дека членството на Хрватска значи дека процесот на интеграција не е мртов.
„ЕУ нема да биде комплетна сè додека сите земји од регионот не станат членки. Повеќето од евроскептиците постојано ќе потенцираат за негативностите од членството во Унијата, како, на пример, зголемувањето на цените, потоа зголемената бирократија, економските проблеми, како и ситуацијата со еврото. Сепак, сметам дека поголем дел од граѓаните се запознаени и со бенефициите коишто ЕУ ги нуди “рече Орав.
Крамариќ пак, зборуваше за долгиот пат кој Хрватска го минала за да влезе во ЕУ. Тој се заложи дека Хрватска ќе стори сè што може да и помогне на Македонија на тој пат.
„Сметаме дека мирот и стабилност во регионот се важни за Хрватска и за ЕУ. Имаме одлични односи, подготвени сме да ги поделиме сите искуства во Македонија“, рече Крамариќ.
Според хрватскиот помошник-министер за европски прашања Хрвое Марушиќ, ставот на Хрватска во однос на разликите околу името останува непроменет.
„Сметаме дека билатералните прашања мора да останат билатерални и не смеат да се вклучуваат во процесот на пристапување“, потенцира Марушиќ.
Ова е трета дебата во организацијана Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика.
