Економија, финансии, бизнис

Контакт

Никола Груевски го пофали враќањето на рамниот данок

Никола Груевски го пофали враќањето на рамниот данок

Поранешниот премиер Никола Груевски од Будимпешта напиша дека е за пофалба враќањето на рамниот данок од страна на актуелната Влада, при тоа додавајќи дека тоа е еден од неговите најуспешни проекти во 2007 година.

„Независно што воведувањето прогресивен данок беше катастрофална грешка на оваа влада за што укажував уште пред да се воведе истиот, сепак иако целта е предизборен популизам, за пофалба е враќањето на рамниот данок, еден од најуспешните проекти во Македонија од независноста до денес, воведен на 1 јануари 2007 година. Грешка е што тоа е само на три години бидејќи со таков рок ќе изостанат поголем дел од очекуваните ефекти. Повеќето од оние кои веќе најдоа алтернативни решенија надвор од Македонија нема да брзаат со враќање во Македонија чекајќи го исходот по истекот на овие три години или барем изборите, смената на власта и чекорите на новата власт. Инвеститорите, особено во некои гранки каде платите се повисоки, како информатичките технологии на пример, исто така ќе останат во неизвесност и секако овој рок ќе го вкалкулираат во своите бизнис одлуки, а тоа ќе оди на штета на Македонија“, напиша Груевски.

Азилантот, кој има статус на политички бегалец во Унгарија, алудираше на најавата на Владата дека прогресивниот данок на личен доход повторно ќе биде вратен но како моделиран од 1 јануари 2023, а исто така до тогаш беше одложено оданочувањето на капиталните добивки и каматите од депозитите.

„Не е точно дека прогресивниот данок, особено не моделот на СДСМ, обезбедува социјална правда. За ова може многу аргументи да се напишат, постојат цели студии, но за целта на овој текст само ќе потсетам дека даноците треба да се ниски, рамни и едноставни, а поголемиот профит приватниот сектор и луѓето кои имаат знаење и вештини за високи заработки во најголем дел ќе го искористи за нови проекти и инвестиции што ќе значи и нови работни места. Тоа само по себе е притисок на пазарот на труд за раст на платите, а со тоа и раст на животниот стандард. Така повеќе ќе се помогне на сиромашните и невработените отколку ако државата им земе дел од тие пари на компаниите и го даде во рацете на неспособни и корумпирани министри и бирократи“, додава Груевски.

Понатаму коментира дека рамниот и низок данок ги привлекува и охрабрува побогатите да инвестираат и отвораат нови работни места и да ги вработат оние кои не се толку богати, додека прогресивниот ги брка.

„Немаше потреба владата да дава лажни објаснувања од типот дека времено го враќаат данокот како што порано беше бидејќи не била консултирана бизнис заедницата при неговото носење. Беше консултирана и јасно, јавно и отворено кажа дека се против. Медиумите тоа сигурно можат да го проверат, ако некој заборавил.
Сите други објаснувања за овој потег кои ги дадоа се празни флоскули. Вистинскиот одговор е дека прогресивниот данок е штетен за земјата и граѓаните. Тој е неправеден, а не рамниот данок. Сите губат со прогресивниот данок, никој не добива. Тој што требаше да добие, буџетот, не добива заради очекуваната брза преселба на капиталот, компаниите и луѓето“, смета Груевски.


Слично

Поврзани вести