Никола Димитров одби да замине за амбасадор во Москва!
Амбасадорот Никола Димитров одбил да замине на дипломатска мисија во Москва, објави Плусинфо. Димитров годинава требаше да се ротира од амбасадата во Холандија во претставништвото во Русија, но неформално веќе го известил Министерството дека не ја прифаќа должноста затоа што сака целосно да се повлече од системот.
Димитров вели дека останува во Холандија, каде што ќе работи во Хашкиот институт за глобална правда.
„Професионалното искуство и знаење кои ги стекнав благодарение на довербата и честа кои ми беа укажани од институциите на Република Македонија, во наредниот период ќе ги искористам преку мојот ангажман во Хашкиот институт за глобална правда, каде меѓу другото, ќе работам на промоција на демократијата, владеењето на правото и европската и евроатлантската интеграција на државите од Југоисточна Европа“, вели Димитров за порталот.
Никола Димитров има богата професионална дипломатска кариера. Тој беше заменик-министер за надворешни работи, потоа беше назначен за амбасадор на Македонија во Вашингтон. Во исто време беше и македонски преговарач во спорот помеѓу Македонија и Грција во спорот околу името. Потоа, од позиција на амбасадор на Македонија во Холандија, Димитров ја застапуваше Македонија во спорот со Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Одлуката за негово назначување во Москва поминала на владина седница пред неколку недели.
Слично
