Никој нема да се најаде леб од руските туристи
Мнозинство од руските граѓани, 70 отсто од нив, сметаат дека од безбедносни причини не треба да се патува во странство.
При тоа, две третини од Русите во последните пет години не ја преминале границата, резултатите се од истражувањето на независниот Левада центар.
Според објавените резултати на анкетата, речиси половина од анкетираните (45 одсто) изјавиле дека станало премногу опасно да се посетуваат други држави и дека од таквите патувања треба привремено да се откажат.
Четвртина од Русите сметаат дека граѓаните одамна тоа требало да го направат.
Спротивно мислење имаат десет одсто од испитаниците. Така седум одсто се уверени дека опасност нема повеќе како што било порано и дека затоа нема причини да се откажат од патувањата. Уште три одсто забележале дека „сега поради паника може ефтино да се одмара“.
Само 11 одсто од учесниците во анкетата изјавиле дека работата не е во опасноста од терористички напади или природни катастрофи, туку во „премногу скапиот одмор во странство“.
Анкетата на Левада центарот покажала дека 65 одсто од граѓаните за последните пет години не ја преминале границата на Заедницата независни држави.
Меѓу нив се најмногу жители на селата (82) одсто постари од 55 години и со ниска заработка.
Анкетата е направена во декември и се испитани 1600 испитаици во 137 населени места во 48 руски региони.
Состојбата со странскиот туризам во Русија нагло се влоши во октомври и ноември минатата година, кога во Египет во терористички напад е урнат руски патнички авион, а на границата со Сирија руски бомбардер Су-24.
Руските власти тогаш го прекинаа авиосообраќајот со Египет и забранија туристички ангажмани за Турција. Експертите сметаат дека одтогаш продажбата на тури за странство паднала за 70 одсто во однос на 2014 година. Покрај тоа, на продажбата на турите значајно влијание имал и остриот пад на руската рубља кој почнал во почетокот на декември.
