Никој не се јавил за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, од денеска ќе има нов обид
Ниту една понуда не стигнала до АД ЕСМ за набавка на мазут за производство на електрична енергија за време на грејната сезона од ТЕЦ Неготино.
Повикот за 150.000 тони мазут заврши вчера, по што требаше да се отворат понудите, но од државните електрани денеска ќе го повторат огласот затоа што не стигнала ниту една понуда што би одговарала на поставените услови.
- За предметната набавка не е пристигната ниту една понуда. Од тие причини, огласот повторно ќе биде објавен во текот на утрешниот ден, гласи одговорот кој во текот на вчерашниот ден го добивме од ЕСМ.
За почеток на работата на термоелектраната во јануари беа обезбедени 38 илјади тони мазут, преку јавен оглас на АД ЕСМ, барем според она што беше објавено во медиумите. За следните четири месеци, додека трае грејната сезона, до крајот на април, АД ЕСМ објави дека планира да излезе со нов јавен повик за набавка на мазут. На претходниот се јавила само една лиценцирана компанија на мазут, од шесте кои работеле во Македонија.
ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола, но досега не го вклучи вториот котел за зголемување на домашното производство на електрична енергија иако имаше такви најави.
ЕСМ не ја објави тендерската документација за да се види по која цена, односно по кои услови ќе се купува мазутот. Пред две недели Владата на ЕСМ му исплати 10 милиони евра, сума во која меѓудругото се предвидува да се набави и мазут за ТЕЦ Неготино.
А.К.
