Никој не го купи милионскиот пакет акции на Реплек, борбата продолжува на седницата утре
Никој не ги купи акциите на Реплек во пакетот кој се нудеше на јавната берзанска аукција денеска. Продавачот понуди 1.783 акции кои се практично 6,88 отсто од основната главнина на друштвото и тоа по цена од 135.000 денари за акција. Сепак никој не покажал интерес за овој пакет во фазата на индикација од аукцијата која трае пет минути.
Фактор веќе објави дека експерти, дел од од нив инволвирани во процесот, тврдат дека цената во пакетот беше превисока.
Претходно секако имаше голем интерес за тргување со акцијата на Реплек, а сите турбуленции почнаа по 8 април кога мнозинството акционери не ги изгласа предлог одлуките за одобрување на работата на Управниот и на Надзорниот одбор. Од тогаш цената на акцијата порасна за речиси 15 проценти. Завчера, на берзата се продадоа дури 211 акции по просечна цена од 113.839 денари за акција. Дополнително во блок транскација вредна 17,4 милиони денари или околу 283.000 евра се продадоа уште 153 акции по цена од 113.839 денари по акција.
Моментно, а тоа не се промени и во текот на турбуленциите по 8 април, во Реплек, Иван Туџаров поседува 11,2 отсто обични акции, друштвото за трговија и услуги Ситко Антонио Доел има 6,1 отсто, Сава Пензиски фонд има 6,4 проценти. Владимир Пецоски поседува 5,79 од акциите, Душан Пецоски 11,92 проценти, а Славица Туџарова 11,57 отсто.
Инаку за утре пак е закажано продолжението на редовното годишно собрание на кое веќе е извесно повторно ќе се гласа за потврдување на работата на Управниот и на Надзорниот одбор.
Во петокот Иван Туџаров генералниот директор на Реплек и Даница Зимбакова како акционери кои имаат над пет отсто сопственост во друштвото доставија до берза информација со предлог нови членови на Надзорниот одбор на компанијата.
A.T.
