Економија, финансии, бизнис

Контакт

Никој не е имун на струјниот удар! Колку пораснаа трошоците на гигантот „Усје“?

Никој не е имун на струјниот удар! Колку пораснаа трошоците на гигантот „Усје“?

Цементарница „Усје“ продолжува да работи успешно, но со изразено зголемување на оперативните трошоци што пред се е резултат на поскапените енергенси и инфлацијата. Трошоците за суровини, во кои значаен е струјата, на овој гигант надминаа 40 милиони евра за девет месеци што е за17,6 милиони евра односно 78 отсто повеќе од истиот период лани

Цементарница „Усје“, во услови на економска неизвесност и енергетска криза, во првите девет месеци успеа да ја зголеми продажбата за 13,5 милиони евра односно 22 отсто повеќе од истиот период лани. Официјалните податоци од неревидираниот биланс покажуваат дека за првите девет месеци продажбата на цемент и други градежни материјали од палетата на „Усје“ достигнале 76 милиони евра. Извесно е дека инфлаторните притисоки го направиле своето и дека и оваа голема македонска компанија, исто како и други, била приморана да ги зголеми цените на своите производи под притисок на зголемените влезни трошоци особено на енергенсите и тука пред се на струјата и на мазутот.

Продажбата на домашниот пазар е зголемена за 24 отсто во споредба со истиот период лани и надмина 50 милиони евра. Извозот на „Усје“ за овој период достигна 26 милиони евра и тоа е за 17 отсто повеќе од претходната година.

Реално, влијанието на општиот раст на трошоците е јасно видливо од структурата на расходната страна на „Усје“. Вкупниот раст на оперативните трошоци изнесува дури 46 отсто во однос на истиот период лани. Тие за девет месеци достигнаа 66,8 милиони евра односно 20,9 милиони евра повеќе од лани.

Најголем раст од сите ставки бележат трошоците за суровини и материјали на кои компанијата платила над 40 милиони евра или 78 отсто повеќе од лани. За 1,5 милиони евра пораснале и трошоците во класата услуги со карактер на материјални трошоци кои на крај на септември достигнаа речиси 10 милиони евра. За 31 отсто до износ од 6,6 милиони евра пораснале и трошоците за набавка на трговски стоки. Во овој период за своите вработени „Усје“ платила 4 милиони евра.

Заради зголемени трошоци оваа успешна компанија бележи значајно намалување на оперативната добивка. Таа изнесува 11,7 милиони евра што е за 39 отсто послаб резултат од истиот период лани.

Значаен раст бележат и финансиските расходи на компанијата. За нив компанијата плати 622.000 евра односно речиси три пати повеќе од истиот период лани.

Нето добивката изнесува 11,3 милиони евра и во однос на лани е пониска за 41 отсто.

Р. Ф.

Слично

Поврзани вести