Економија, финансии, бизнис

Контакт

НИКОГАШ НЕМАЛЕ ПОВЕЌЕ ВРАБОТЕНИ: Eдна од европските земји урива рекорди

НИКОГАШ НЕМАЛЕ ПОВЕЌЕ ВРАБОТЕНИ: Eдна од европските земји урива рекорди

Пазарот на трудот во Шпанија го продолжи својот силен тренд на раст и покрај глобалните тензии, бидејќи бројот на вработени лица се зголеми за 211.510 во март, со што вкупниот број на осигурени лица достигна 21,88 милиони.

Ова е рекорд. Ако ги отстраниме сезонските влијанија од статистиката, бројот на вработени за прв пат ја надмина границата од 22 милиони, објавува Паис.

Оваа информација однапред ја објави премиерот Педро Санчез, што е невообичаен потег со оглед на стандардната практика на објавување на официјална статистика.

Најголем придонес за растот на вработеноста имаше секторот за туризам и угостителство, кој создаде речиси 80.000 нови работни места, а значителен раст е забележан и во градежништвото, административните услуги, здравството и индустријата.

Речиси половина од новите договори во Шпанија се за работен однос на неопределено време, но уделот на пофлексибилните форми на вработување, како што се повремените или сезонските расте, што укажува на потенцијални предизвици во однос на квалитетот на работните места.

Позитивни трендови се видливи и во намалувањето на невработеноста во Шпанија.

Бројот на регистрирани невработени се намали за речиси 23.000 во споредба со февруари, на вкупно 2,43 милиони, што е најниско ниво за месец март од 2008 година.

Регионално, најголем пад на невработеноста е забележан во туристички ориентирани области, вклучувајќи ги Андалузија, Каталонија и Валенсија, додека некои други региони имаа минимални промени или мало зголемување на невработеноста.

Слично

Поврзани вести