НИКАКВИ УСЛОВИ ЗА НАСТАВА: Ниту струја, ниту греење во училиштата во Струга и Кичево
Проблемите со греење и струја во училиштата во Струга и Кичево. Речиси еден месец нема нормални услови за изведување на настава, а во дел од училиштата започна и бојкот затоа што родителите не се подготвени да ги пуштаат своите деца во ладни и темни училници.
Повеќе од 1.200 ученици од Кичево веќе трета недела немаат настава затоа што училиштата нема со што да се затполуваат. Од неодамна некаде нема ни струја.
Според советниците од коалицијата „Кичевчани за Кичево“, училиштата се заглавени во финансиски проблеми и заради превработеност во дел од нив - на одредени места на три ученици има по еден наставник.
„Од Министерството за образование на Република Македонија до општина Кичево редовно се исплаќани блок-дотациите, но тие блок дотации не се рамномерно распределувани, поради што е дојдено до колапс во образованието во Кичево. Нашите сознанија укажуваат дека проблемот е настанат поради преголемата превработеност во основните училишта во северниот дел на општина Кичево. Поради таа преголема вработеност овие основни училишта немаат нафта за греење и немаат електрична енергија“, тврдат од оваа коалиција, тврдејќи дека парите од блок-дотациите наместо за греење и други основни потреби за наставниот процес, речиси целосно одат на палти на превработениот кадар.
Според статистиката, бројот на ученици во Кичево од сите заедници е во постојано опаѓање, но во исто време постојано расте бројот на вработени наставници и друг училишен персонал.
Градоначалникот Фатмир Дехари и министерот за образование Абдилаќим Адеми засега не одговараат на ваквите обвинувања. Адеми неодамна вети дека ќе побара владата од стоковите резерви да надомести дел од нафтата потребна за греење на училиштата во Кичево, но им порача на останатите општини да не се надеваат на ист излез.
Од неделава, неколку училишта во Струга работат со скратени часови затоа што училиштата се без струја заради неплатени сметки.
Слично
