НИ ВОЈНАТА, НИ ГАСОТ - БРИТАНИЈА ЈА „ИЗЕДОА“ ВНАТРЕШНИ НЕМИРИ: Ова е најлошиот деловен месец
Британските бизниси го трпат својот најлош
месец на работа од јануари 2021 година, кога беа воведени мерките за воведување
целосни карантини поради Ковид-19, бидејќи политичките турбуленции во земјата
ја зголемуваат загриженоста за понатамошно зголемување на инфлацијата и
каматните стапки, покажа денеска истражувањето на S&P Global и CIPS,
пренесува Reuters.
Композитниот индекс на менаџери за набавка (PMI), според блиц податоците од S&P Global/CIPS, покажа пад на деловната активност трет месец по ред, паѓајќи на најниско ниво во последните 21 месец од 47,2 поени во октомври, што е намалување од 49,1 поени во Септември..
Ова сигнализира дека британската економија би можела да биде на пат кон длабока рецесија, пренесува Reuters. Економистите во анкетата очекуваа PMI да достигне 48,1 поен. PMI индексот во услужниот сектор падна во октомври за прв пат во последните 20 месеци на 47,5 поени од нивото од 50 поени во септември.
Политичката и економската несигурност ја намали вкупната активност со стапка што не е забележана од глобалната финансиска криза во 2009 година, со исклучок на пандемијата, рече Крис Вилијамсон, главен деловен економист во S&P Global Market Intelligence.
Деловната доверба, исто така, падна на ниво кое ретко се гледа во 25-годишната историја на истражувањето, покажувајќи го влијанието врз фирмите од хаотичниот период откако владата на премиерката во заминување Лиз Трас објави нефинансирани даночни намалувања кон крајот на септември, испраќајќи шокови на пазарите на обврзници, за да на на крајот го повлече тој предлог.
- Инвестициите и вработеноста ќе продолжат да страдаат во наредните месеци бидејќи компаниите се прилагодуваат на сè попредизвикувачката средина. Вработувањето веќе нагло забавува, а работниците веќе се отпуштаат во производниот сектор - вели Вилијамсон.
Новите нарачки исто така паднаа со најбрзо темпо од јануари 2021 година.
Новиот британски канцелар на финансии Џереми Хант треба на 31 октомври да објави среднорочен буџетски план кој најверојатно ќе вклучи намалување на трошоците и можно зголемување на даноците, што би можело да ја продлабочи очекуваната рецесија, забележува Reuters.
ФОТО: EPA/ANDY RAIN