Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ни треба ли Специјална антиботовска единица во хибридната војна со бугарската пропаганда

Ни треба ли Специјална антиботовска единица во хибридната војна со бугарската пропаганда

Македонските власти конечно, по долготрајно оперирање на бројни портали, страници и профили на социјалните мрежи кои ширење антимакедонска пропаганда и беа дел од хибридното војување со лажни вести, негаторски наративи и поттикнување поделби во општеството, покренаа истрага. Но, Македонија покрај формалната постапка која ја поведоа Агенцијата за безбедност и Министерството за внатрешни работи, треба да размислува и за „покреативни” методи на спротивставување со „непријател“ кој е многу помоќен и со повеќе ресурси на располагање. 

Неодамнешната војна во Иран покажа дека употребата на вештачка интелигенција во хибридното војување и освојување на дигиталниот простор во асиметрична ситуација може значително да ја подобри положбата на послабата страна. Затоа се поставува прашањето дали на Македонија и е потребна Специјална антиботовска единица која ќе има дефанзивна, но и офанзивна улога во справувањето со пропагандата и непријателските постапки во дигиталниот простор.

Како Иран со ВИ слоп содржини ја доби пропагандната војна?

Иранската организација „Explosive media” собра милијарди прегледи на социјалните мрежи со серијалот на ВИ содржини инспирирани од Лего филмовите, но со силно насочена пропаганда против САД, особено против американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Модерниот изглед, употребата на рап музика и референци од поп-културата на иранските дигитални воини ќе влезат во учебниците за контра-пропаганда и метод на поентирање против непријателот на негов терен од аспект на јавно мислење и поддршка на социјалните мрежи.

Овие дигитални единици тврдат дека не се дел од Иранската револуционерна гарда, но постојат индиции дека имале голема логистичка поддршка од државата во смисла на заштита од нападите на САД и Израел и пристап до дигитални ресурси. Во секој случај истите имаат простор да негираат дека се директно поврзани со иранските државни институции, бидејќи нивната цел беше постигната, а сличен одговор барем на официјално ниво немаше.

Едукација, проактивност и институционален одговор

Против хибридната војна не постои единствен метод или една стратегија која може веднаш да даде ефикасни резултати. Затоа не е доволна само постапката која ја покренаа македонските безбедносни органи.

Потребен е целокупен институционален одговор, особено во делот на следење, известување и анализа на хибридните закани, особено пропагандните напади кои беа пласирани од ботовски мрежи во Бугарија, но и од други центри кои имаат непријателски однос кон Македонија.

Таквата Специјална антиботовска единица ќе треба да ги разоткрива непријателските ботовски мрежи, да известува за нивните активности, но уште поважно да ги демаскира нивните штетни наративи.

Одговорот на пропагандата треба да се состои во понуда на факти наспроти лагите и конструкциите и населението и јавноста навремено да бидат информирани и предупредени. Но, без елементарна медиумска писменост, особено во ера на пласирање на длабоки лажни содржини (дипфејк) кои се генерирани и со помош на вештачката интелигенција, таквите напори ќе бидат залудни.

Исто така давањето моќ во рацете на една Специјална антиботовска единица може да доведе и до злоупотреби, односно државата да воспостави „монопол врз вистината“ и да ја користи за политички цели или во поттиснување на слободата на говорот.

Македонија мора да се бори за својата вистина, но не преку „делење историски лекции“, туку преку иронија, сатира и демаскирање на една фашизоидна пропаганда и нејзино соголување, како пред домашна така и пред европската јавност.

Х.С.

Слично

Поврзани вести