Незири: Нема повлекување на старите возила од македонските патишта
Во следните неколку години застарените возила со пониски еколошки стандарди ќе останат на македонските патишта, вели министерот за економија Беким Незири. Тој е против мерки со кои би се отстраниле од сообраќај или би се ограничиле во движењето старите возила, а ова прашање Владата ќе го разгледува за две недели.
Дали ќе се забрани возење на автомобили произведени пред 2000 година?
„Како ресорен министер дадов негативно мислење за ова барање и реков дека ќе направам детална анализа. Ценам дека таквата мерка ќе има големи негативни ефекти врз економијата, а со неа ќе бидат засегнати и граѓаните. Се работи за голема бројка од 100 до 150 илјади возила и мислам дека ќе претставува радикална мерка ограничувањето на нивното движење или, пак, оневозможувањето да се регистрираат. Сметам дека такво нешто нема да се случи во наредниве неколку години“, рече Незири.
Тој смета дека Владата ќе има слух за анализите што ги направи ресорното Министерство и дека сепак нема да донесе толку ригорозни мерки за старите автомобили.
Комитетот за заштита на животната средина неодамна на седница на Владата побара да се разгледа можноста да се оневозможи регистрацијата на старите возила, за почеток со ЕУРО 0, а подоцна и со ЕУРО 1 стандард, или да биде редуцирано нивното движење во Скопје поради нивното партиципирање во загадувањето на градот.
Слично
