Економија, финансии, бизнис

Контакт

Независниот синдикат на полицијата ќе ги оспори спорните членови од Колективниот договор пред Уставен суд!

Независниот синдикат на полицијата ќе ги оспори спорните членови од Колективниот договор пред Уставен суд!

Независниот синдикат на полицијата  следната недела ќе поднесе барање до Уставниот суд за да се оспорат двата члена  од новиот Колективен договор со кои се предвидува од 24 часовно дежурство на полицајците од граничната полиција да им бидат платени само половината работни часови,  а останатите 12  да се водат како одмор кој мора да се помине во станицата. Ова според нив е противуставно и противзаконско и предизвика големо незадоволство во полициските редови.

Извори за Фактор велат дека полицајците од граничната полиција од станиците Гошинце, Танушевци и Маздрача деновиве имале средба со претставници на Македонскиот полициски синдикат, каде велат дека се разговарало за се освен за неправдата  и дискриминацијата која е нанесена токму на овие припадници на полицијата,  чии дежурства како што велат траат со денови и се во најлоши работни услови. Тие се незадоволни од начинот на кој репрезентативниот синдикат на заедничка маса со МВР го договорил Колективниот договор и судбината на повеќе од стотина полицајци и затоа најавуваат масовно излегување од синдикатот.

“Очигледно е дека ние сме колатерална штета на  договорот помеѓу Македонскиот полициски синдикат и МВР. Но иако некој мисли или сака да мисли дека полицајците кои се пратени во овие полициски станици не ги знаат своите права и не ги читаат законите, грешат. Членовите  97 став 3 и член 98 став 3 кои го регулираат начинот на работа во одредени полициски станици се крајно контрадикторни  во однос на Законот за работни односи. Не треба да сте експерти по право да го заклучите тоа, бидејќи ние веќе почнавме да работиме со нивна примена, а без донесен Правилник за работа и директно ги чувствуваме последиците и штетите. Дополнително што голем број од колегите се од внатрешноста, па ако на работа сме четири дена, а четири дена дома,  петтиот ден само за да стигнат до своето место на живеење колегите  го изгубиле целиот ден. Уште неодморени треба повторно да се вратат на работа, а да им бидат платени половина работни часови. Незамисливо и нереално. Да не зборуваме како оваа мисија надлежните планираат да ја изведат во зимски услови кога сме останувале по цели недели бидејќи неможеше да се пробие патот, беа расипани возилата и сл. Мислиме дека ова е уникат во работата на полицијата не само кај нас туку и пошироко”-реагираат полицајците од овие полициски станици за граничен надзор.

Незадоволните полицајци реагираат дека 12-те  часа одмор кои се предвидени со Колективниот договор сакаат да ги поминат дома со семејствата, а не задолжително во станица, бидејќи на тој начин како што велат се чувствуваат како во притвор.

“Ние сме професионалци и теренци. Ја сакаме својата работа и не одбиваме работни задачи. Но неразбирливо е како да реагираме на пример доколку безбедноста на станицата е доведена во опасност, а ние сме согласно Колективниот договор тие часови на задолжителен неплатен одмор. Тогаш дали треба да кажеме ”Извинете ние одмараме, не напаѓајте сега, нападнете не подоцна!”- прашуваат полицајците.

Тие ќе бараат средба и со Народниот правобранител. Од Независниот синдикат на полицијата велат дека иако дел од полицајците не се нивни членови, тие ќе се борат за правата на сите вработени во полицијата бидејќи овој начин на работа ќе ги опфати сите кои ќе работат подолго од 12 часа. Проблемот со работното време,  според нив ја отвора  Пандорината кутија на проблеми и  за условите во кои работат полицајците во граничната полиција.

“До Државниот инспекторат за труд се поднесени пријави за гушење на правото на труд и непочитување на Законот за работни односи во овие организациони единици на граничната полиција. Основата за вакви постапки се катастрофалните услови во кои работат граничните полицајци, без санитарни чворови, на некои места без вода и струја како на пример пунктот Кодра Фура, потоа несоодветни услови за чување на храната на отворено, непостоење на урбана опрема за отпад( отпадот се фрла насекаде).  Ќе доставиме писмени пријави, но и јавно ја повикуваме Државната санитарна инспекција да дојде на терен и да види дали се исполнети минималните услови во некои од овие станици во кои полицајците се по еден, два, четири па и повеќе денови. Дополнително треба со нивните проблеми да се позанимава и инспекторатот во Агенцијата за храна и ветеринарство или Здравствениот инспекторат за да видат како и во кои услови се чува храната. Униформи и обувки  се веќе мисловна именка. Кога ќе се сумираат работите, ние можеби се соочуваме со многу поголем проблем кој досега надлежните не сакале никогаш ниту да го детектираат, а камоли да го решат, а полицајците под притисок морале да молчат. Но дополнителната неправда и штета која им е нанесена со новиот Колективен договор, ја прелеа чашата”-вели Гоце Делчев- Тодев-претседател на Независниот полициски синдикат.

Реалните проблеми во полициските редови според него треба да бидат мотив повеќе и за Синдикатите и за надлежните сериозно да поработат  на нивно решавање, а не само рестриктивно и дискриминационо да се бараат “виновници” и “казнети” во полициските редови.

Слично

Поврзани вести